Македонскиот енергетски сектор влегува во сериозна фаза на реформа, со усвојување на новиот Закон за енергетика кој предвидува темелна дигитализација, подобра заштита на потрошувачите и подготвителни мерки за поамбициозно користење на обновливи извори на енергија. Како што посочија министерската Сања Божиновска и челниците од МЕПСО, ЕСМ и ЕВН, реформите не се само технички – туку и социјални, со фокус на транспарентност, ефикасност и енергетска правда.
Во сржта на законот се новите паметни броила кои овозможуваат далечинско отчитување и следење на потрошувачката во реално време. Според планот, 80% од броилата во државата треба да бидат заменети до 2031 година, а до 2035 – целосно. Овој процес веќе е започнат: досега се инсталирани 200.000 паметни броила, а во тек е тендер за уште 150.000, информираше директорот на Електродистрибуција, Сашо Салтировски. Првите броила со новите стандарди се очекуваат за околу две години, со оглед на времетраењето на тендерската и инсталациската процедура.
„Не можеме преку ноќ да смениме 900.000 броила. Но, ќе почнеме со оние што покажуваат интерес. Планирањето и набавката траат минимум една година. Имаме проектна рамка и ја следиме европската пракса“, објасни Салтировски.
Новите уреди ќе овозможат и апликации со кои корисниците ќе можат во секој момент да знаат колку потрошиле, односно колку нивните уреди – соларни панели или клима уреди произвеле.
Законските измени се насочени и кон заштита на ранливите категории. За првпат се дефинира енергетска сиромаштија, а ќе има и нефискални мерки како забрана за исклучување од струја во зимските месеци за граѓани со ниски примања. Предвидени се и граѓански енергетски заедници кои ќе можат заеднички да поставуваат фотоволтаици на станбени згради, а сите нови енергетски објекти ќе мора да имаат капацитети за складирање 20% од произведената струја.
Дополнително, предвидена е можност за слободна промена на снабдувачот со струја во рок од 48 часа и воведување на дневно тргување со електрична енергија.
„Со ова го следиме европското енергетско законодавство и го прифаќаме сето она што е добра пракса во ЕУ“, изјави министерката Божиновска.
Овие мерки треба да резултираат и со значително намалување на техничките и комерцијалните загуби. Во моментов, загубите се околу 14%, а според мастер-планот на ЕСМ, целта е до 2033 година тие да се сведат под 10%. Само во Скопје, загубите достигнуваат 18,1%, во Штип 14,6%.
Дел од стратегијата е и вадење на броилата надвор од објектите, каде што е можно, како и зголемена соработка со институциите за сузбивање на кражбите.
Новина е и унапредената координација меѓу МЕПСО и ЕВН – системите ќе бидат синхронизирани во реално време, што значи дека граѓаните нема повеќе да бидат препраќани од една до друга институција при поплаки или барања за корекција на сметки.
„Фактурирањето се скратува од 60 на 25 дена. Порано имавме дебаланси од 500-600 мегават часови, сега се сведени на 10-20. Ова е една од најважните европски забелешки кон Македонија и сега веќе сме во чекор со стандардите“, посочи заменик-директорот на МЕПСО, Александар Пауноски.
Зголемената дигитализација, новите регулативи и конкретните планови за вложувања во инфраструктура и обновливи извори, го најавуваат преминот на Македонија кон поефикасен, транспарентен и праведен енергетски систем. Иако патот до целосна реализација ќе биде долг и комплексен, институциите уверуваат дека реформите веќе се во движење – и со технологија, и со политика, и со визија.