
Директната авионска врска меѓу Охрид и Братислава, која започнува на 17 март, отвора ново поглавје во поврзувањето меѓу Северна Македонија и Словачка, со очекувања таа да придонесе за поголем туристички интерес, но и за продлабочување на економската и деловната соработка меѓу двете земји.
Новата линија, која ќе се реализира преку авиокомпанијата „Визер“, ќе овозможи побрзо и полесно патување меѓу двете дестинации, а од Амбасадата на Словачка во земјава оценуваат дека станува збор за значаен чекор во зајакнувањето на билатералните односи.
„Отворањето на директната авио-линија е уште еден чекор напред кон зајакнување на контактите меѓу нашите две држави, пред сè во туризмот и во бизнисот. Веруваме дека тоа ќе придонесе за натамошно јакнење на соработката и пријателските односи меѓу Словачка и Северна Македонија“, се наведува во објава на Фејсбук на словачката амбасада.
Според дипломатското претставништво, новата авио-линија отвора дополнителни можности за туристите од Македонија, кои ќе можат полесно да ја посетат Братислава и другите делови на Словачка, да ги запознаат нејзините историски градови, природните убавини, културата и гастрономијата.
Воедно, линијата се очекува да донесе и повеќе посетители од Словачка во Македонија, особено во Охрид – град кој со своето езеро и културно наследство претставува едно од најзначајните туристички богатства во регионот.
Воспоставувањето на оваа авио-линија беше најавено уште пред извесен период, кога заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари средба со словачката амбасадорка во земјава, Ивета Хрицова. Тогаш двајцата соговорници истакнаа дека директната линија Охрид–Братислава ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји и ќе биде во функција на развојот на туризмот и бизнис-секторот.
Николоски тогаш нагласи дека Владата посветува особено внимание на развојот на авио-сообраќајот и на подобрувањето на транспортната поврзаност, потенцирајќи дека ваквите проекти придонесуваат за приближување на економските врски меѓу државите.
На средбата, како што беше соопштено, биле потврдени и добрите билатерални односи меѓу Северна Македонија и Словачка, при што се разговарало за можностите за зајакнување на трговската соработка, политичките односи и за поттикнување на подобра деловна клима.
Вицепремиерот тогаш посочи и дека земјата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти со регионално значење, кои преку модернизација на транспортната инфраструктура треба да придонесат за поголема регионална поврзаност и економски развој.
Отворањето на директната авио-линија Охрид–Братислава се смета за уште еден чекор во тој процес, со очекувања таа да ја продлабочи соработката меѓу двете земји и да создаде нови можности за туризмот, бизнисот и меѓусебната размена.
Аналитика








