ПОВЕЌЕ

    НЛБ ФОНДОВИ: Недела за централните банки и технолошки рекорди

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата недела на глобалните пазари беше исполнета со значајни настани: состаноците на водечките централни банки, новото трговско примирје меѓу САД и Кина и продолжувањето на сезоната на објава на корпоративни резултати. Во оваа динамична слика, американскиот пазар повторно го задржа водството, поттикнат од технолошките гиганти.

    Америка: толкување на сигналите на ФЕД и корпоративниот оптимизам

    Американската централна банка (ФЕД) ја намали клучната каматна стапка за 25 базични поени -чекор очекуван од пазарите. Сепак, изјавите на претседателот Џером Пауел го оладија ентузијазмот за понатамошно намалување во декември. Одлуката овојпат не беше едногласна: двајца членови гласаа против, а еден дури се изјасни и за поголемо намалување од 50 базични поени.

    Пауел нагласи дека дополнително намалување не е гарантирано и дека идните одлуки ќе зависат пред сè од претстојните податоци за состојбата на американската економија. Тој предупреди и дека поради привременото запирање на работата на федералната влада, пристапот до дел од макроекономските податоци е ограничен.

    Пауел нагласи дека идните потези ќе зависат од „реалните економски податоци“, кои моментално се потешко достапни поради делумното запирање на владините институции. Според податоците на CME FedWatch Tool, веројатноста за ново намалување во декември падна од 96% на 65%.

    Трговско примирје меѓу САД и Кина

    Паралелно со одлуката на ФЕД, инвеститорите внимателно го следеа долгоочекуваниот состанок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја. Двајцата лидери се договорија за едногодишно трговско примирје, кое предвидува делумно намалување на американските царини на кинескиот увоз, привремено укинување на кинеските извозни ограничувања на ретки метали и повторно започнување на кинеските набавки на американски земјоделски производи.

    Иако договорот е содржински ограничен и остава бројни отворени прашања, тој донесе барем привремено олеснување на финансиските пазари и придонесе за подобрување на инвеститорското расположение.

    Технолошкиот сектор го носи растот

    Сезоната на квартални извештаи продолжи со силен замав. Според FactSet, 64 % од компаниите од индексот S&P 500 веќе објавија резултати, а 83 % ги надминале очекувањата по добивка. Просечниот раст на добивките во Q3 изнесува 10,7 %, што би било четврто тримесечје по ред со двоцифрен раст.

    Amazon забележа раст од 20 % во cloud сегментот (AWS), додека Alphabet ги надмина прогнозите со силни приходи од Google Cloud. Од друга страна, Meta се соочи со пад на акциите поради високите трошоци за инвестиции во AI. Акциите на Nvidia пак ја преминаа вредноста од 5 билиони USD пазарна капитализација — историски момент за глобалните пазари.

    Американскиот индекс S&P 500 неделата ја заврши со раст од 1,62 % (изразено во евра), додека технолошкиот Nasdaq порасна за 2,87 %.

    Европа: стабилност со доза на претпазливост

    Европската централна банка (ЕЦБ) ги остави каматните стапки непроменети. Претседателката Кристин Лагард нагласи дека инфлацијата се движи „значително поблиску до целта“, но дека идните чекори ќе зависат од новите економски индикатори. Инфлацијата во еврозоната во октомври изнесува 2,1 %, додека базичната се задржа на 2,4 %.

    Економскиот раст на еврозоната во Q3 изнесува 0,2 %, благо над очекувањата, со најголем придонес од Франција и Шпанија.

    Јапонија: континуитет и зајакнување на извозот

    Краток поглед и кон земјата на изгрејсонцето.

    Јапонската централна банка ги задржа каматните стапки на 0,5%, истакнувајќи дека стимулативната политика ќе остане сè додека растот на платите не стане одржлив. Гувернерот Уеда истакна дека напредокот во преговорите за зголемување на платите е клучен предуслов за евентуално зголемување на каматните стапки, иако временската рамка останува отворена.

    Индексот Nikkei 225 достигна повеќемесечни рекорди, а благо ослабениот јен дополнително ги зајакна извозните компании.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично