ПОВЕЌЕ

    НЛБ ФОНДОВИ: Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција

    Време зa читање: 4 минути

    Минатата недела, ФЕД ги намали каматните стапки, по што следеше позитивен раст на акциските пазари. Сепак, оптимизмот не траеше долго, бидејќи во петокот се почувствува одредена загриженост кај инвеститорите поврзани со вештачката интелигенција.

    Третото намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви оваа година беше очекувано, инвеститорите се фокусираа првенствено на изјавите на Централната банка во врска со идните случувања во монетарната политика. Според аналитичарите, тонот на ФЕД беше помалку рестриктивен од пазарните очекувања, што предизвика пораст на цените на акциите. Индексите Dow Jones, S&P 500 и Russell 2000 достигнаа нови рекордни вредности во долари. Сепак, кон крајот на неделата, расположението на пазарот малку се смени. Резултатите на Oracle не беа импресивни, бидејќи компанијата забележа помал раст на приходите од очекувањата на аналитичарите, а дополнителна загриженост предизвикуваат и обемните инвестиции на Oracle во центри за податоци, кои се изложени на ризик да не ги постигнат посакуваните приноси. Oracle ги финансира повеќето од овие инвестиции со долг, кој веќе надминува 100 милијарди долари. Цената на акциите падна за повеќе од 13% минатата недела и речиси се преполови од својот врв.

    Од американскиот пазар на труд стигнаа спротивставени податоци. Од една страна, бројот на нови барања за надомест за невработеност се искачи на 236.000, што е највисоко ниво од септември. Стапката на доброволни заминувања од работните места е најниска во последните пет години, што укажува на релативно ниска доверба кај вработените во можноста да пронајдат подобро работно место. Од друга страна, бројот на слободни работни места се зголеми и достигна повеќемесечен максимум, при што во моментов се достапни дури 7,7 милиони работни места.

    Цените на европските акции не претрпеа значајни промени. За разлика од САД, европската монетарна политика остана непроменета од јуни годинава, а слични се и очекувањата за наредната година. Гувернерката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека европската економија е релативно имуна на трговските тензии и дека економскиот раст се наоѓа близу до потенцијалното ниво. Таа изјави дека ЕЦБ би можела малку да ја ревидира својата прогноза за економски раст на следниот состанок. Цената на акциите на швајцарската банка UBS, исто така, нагло се зголеми, за 5,7%. Швајцарските законодавци предложија нешто помалку строги капитални барања за оваа системски исклучително важна институција. И покрај тоа, капиталните барања за UBS ќе останат високи, бидејќи средствата на нејзиниот биланс на состојба изнесуваат дури двојно повеќе од швајцарскиот БДП.

    Со умерен пад на цените на акциите минатата недела се соочија инвеститорите во кинеските акции. Кина за првпат во историјата на годишно ниво забележа трговски суфицит поголем од 1.000 милијарди долари. За илустрација, секој ден Кина извезува околу 3 милијарди долари повеќе стоки отколку што увезува. Дел од високиот трговски суфицит произлегува од релативно високиот раст на извозот (зголемување од 5,4% на годишно ниво во ноември), но другиот дел од равенката е исто така важен – увозот во Кина во ноември на годишно ниво дури и се намали, што укажува на слаба домашна побарувачка. Ова се одразува и во многу ниската инфлација, која веќе две и пол години останува под 1 %. Вреди да се спомене и дефлацијата на ниво на производителите (индекс PPI), која се наоѓа во негативна зона повеќе од три години. Конкуренцијата меѓу кинеските компании е исклучително остра, поради што раководствата на компаниите често се одлучуваат за агресивна ценовна политика.

    За крај, уште краток осврт на пазарите на суровини. Цената на нафтата минатата недела, изразена во евра, се намали за повеќе од 5 %, бидејќи на пазарите преовладува загриженост околу вишокот понуда на глобално ниво. Наспроти тоа, продолжи трендот на раст на цените на благородните метали. Цената на златото порасна за повеќе од 2% и повторно се приближи до рекордната вредност од пред два месеци.

    Уште поизразен раст (+6,2 %, мерено во евра) забележа цената на среброто, која во текот на годинава повеќе од двојно се зголеми. Причините за исклучителниот скок на цената на среброто треба да се бараат во неговата релативна потценетост во споредба со златото, според долгорочните трендови. На среброто дополнително му одговараат и пониските каматни стапки, послабиот долар и силната индустриска побарувачка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично