ПОВЕЌЕ

    НЛБ ФОНДОВИ: Банките ја отворија сезоната на објавување резултати

    Време зa читање: 4 минути

    Американските берзански индекси во изминатата недела забележаа пораст, со што делумно ги надоместија загубите од претходната недела, кога индексот S&P 500 го доживеа најголемиот дневен пад на вредноста од април наваму. Тргувањето беше обележано со изразена волатилност, која се намали откако претставниците на САД и Кина зазедоа помирлив став.

    Кон оптимизмот во САД придонесоа и поблагите изјави на претставниците на американската централна банка (ФЕД), како и новите партнерства во областа на вештачката интелигенција, што дополнително ја поттикнаа растечката динамика на пазарите во првите денови од неделата. Потоа, во вторникот, официјално започна сезоната на објавување на кварталните деловни резултати. Како и обично, први со извештаи настапија големите американски банки – JPMorgan Chase, Citigroup и Wells Fargo, кои ги надминаа очекувањата на аналитичарите, што позитивно влијаеше на расположението на инвеститорите.

    JPMorgan Chase, со добрите резултати во третиот квартал, ја зголеми довербата на инвеститорите во американскиот банкарски сектор. Добивката на банката изнесувала 5,07 американски долари по акција, повеќе од предвидените 4,84 долари, а приходите се зголемиле на 47,1 милијарда долари, што претставува пораст од приближно 9% во споредба со минатата година. Најголем придонес за растот имаа силните резултати во тргувањето со акции и обврзници, како и во инвестициското банкарство, каде приходите пораснале за повеќе од 20%. Главниот извршен директор, Џејми Дајмон, истакна дека американската економија останува стабилна, но предупреди на тековните геополитички ризици, ифнлациски притисоци и високите вреднувања на финансиските средства, кои би можеле да ја зголемат волатилноста на пазарите во наредните месеци. До петок, околу 12% од компаниите во индексот S&P 500 ги објавија своите резултати, а според податоците на FactSet, дури 86% од нив го надминале очекуваниот профит.

    Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, во вторникот повтори дека централната банка сè уште е наклонета кон ново намалување на основната каматна стапка до крајот на годината. Тој нагласи дека ризиците на пазарот на труд растат, што влијае врз рамнотежата на економските очекувања и ја поткрепува потребата од експанзивна монетарна политика. Слични ставови изразија и други членови на ФЕД, меѓу кои Кристофер Волер и Стивен Миран. Сепак, дел од оптимизмот се изгуби во четвртокот, кога две регионални банки обелоденија проблеми со кредити поврзани со наводни измами. Заедно со неодамнешните стечаи во секторите на потрошувачка и автомобилски заеми, повторно се појавија стравувања за ризиците во кредитниот сегмент и стабилноста на помалите банки. Тоа предизвика пораст на индексот на волатилност VIX на највисоко ниво од април годинава.

    Интересни движења се забележаа и на пазарот на должнички хартии од вредност, каде приносите на поголемиот дел од обврзниците се намалија. Приносот на 10-годишната американска обврзница во четвртокот достигна најниско ниво во последните дванаесет месеци. Ова се должи на загриженоста за стабилноста на банкарскиот сектор, продолженото делумно затворање на американската влада и умерените изјави на претставниците на ФЕД.

    На европските пазари, минатата недела цените на акциите беа претежно мешани, а индексот STOXX Europe 600 во евра забележа раст од околу 0,4%. Подобро расположение создадоа умерените изјави на Џером Пауел и знаците за смирување на трговските тензии меѓу САД и Кина. Францускиот индекс CAC 40 се истакна со раст од повеќе од 3%, додека германскиот DAX и италијанскиот FTSE MIB изгубија околу 1,7% и 0,7% од вредноста. Во Обединетото Кралство, индексот FTSE 100 опадна за 0,8%, откако економските податоци покажаа стагнација во растот. БДП за август пораснал само за 0,1%, а стапката на невработеност се зголемила на 4,8%. Истовремено, растот на платите благо забавил, што укажува на постепено оладување на пазарот на труд. Во еврозоната, индустриското производство во август се намали за 1,2%, најмногу во Германија, каде што беше забележана изразена слабост во автомобилската индустрија. Во Франција, политичката напнатост делумно ја смири премиерот Себастијен Лекорни, чија влада ги преживеа гласањата за недоверба откако тој ја замрзна контроверзната пензиска реформа, спречувајќи предвремени избори.

    На кинеските берзи, минатата недела се забележа значителен пад на цените на акциите поради повторното заострување на трговските односи со САД. Индексот CSI 300 се намали за 2,2%, Shanghai Composite за 1,5%, а индексот Hang Seng во Хонг Конг опадна за речиси 4%. Економските податоци покажаа дека дефлациските притисоци продолжуваат – производствените цени во септември се намалија за 2,3%, а потрошувачките за 0,3%. Аналитичарите внимателно ги следат подготовките за четвртото пленарно заседание на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, на кое ќе се расправа за економските насоки и новиот петгодишен план, со акцент на стимулирање на домашната потрошувачка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично