ПОВЕЌЕ

    НЈСК Холдинг: Македонска компанија во врвот на европскиот канабис-бизнис

    Време зa читање: 4 минути

    Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди.

    Во медицината сè повеќе се потврдува делотворното дејство на канабисот, особено кога се работи за пациенти кај кои стандардните третмани не ги даваат саканите резултати. Врз основа на доказите што имаат поткрепа во научните истражувања и проучувања, сè повеќе држави го легализираат и регулираат медицинското користење на канабисот. Тоа значи развој на нова гранка во фармацевтската индустрија и можност за економски развој.

    И Македонија е дел од тој систем, преку фирмата НЈСК Холдинг, лоцирана во Ќојлија, Општина Петровец, која функционира во рамките на PHCANN International.

    На ова поле предничи во три работи: таа е првата домашна лиценцирана компанија за одгледување канабис за медицински цели, прва е со добиена европска лиценца за производство на фармацевтски производи на база на канабиноиди, и е првиот македонски извозник на сув цвет од канабис. На пазарот е присутна девет години, а порталот Пари направи мало истражување за тоа како им оди работата.

    Податоците користени од базата на Бизнис Мрежа покажуваат континуиран раст во сите сегменти, иако имало периоди кога се бележеле загуби, кои достигнале и над еден милион евра. Но, во последно време забележливи се позитивни промени. Уште повеќе, за една година (2023 ‒ 2024) е направен крупен исчекор. Со реализираните деловни активности, НЈСК Холдинг лани успеал да ја зголеми добивката за високи 546,05 проценти. Чистиот профит изнесува 8.859.060 денари или 144 илјади евра.

    Напредок од 73,15 насто има и во приходите. Од прекланските 6,6 милиони евра, во 2024 година пораснале на 11,5 милиони евра. Меѓутоа, со речиси истото темпо се зголемиле и расходите (за 72,15 насто), кои лани достигнале 11,3 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Зголемениот обем на работа ја наметнал потребата од поголема работна сила. Од 30 вработени во 2019 година, бројот лани се зголемил на 158. Ако се знае дека во 2023 година работата ја вршеле 124 лица, тогаш во овој сегмент има раст од 27,42 насто. Оттаму е и приходот по вработен од 72,7 илјади евра, кој е за 35,89 насто повисок во споредба со 2023 година.

    За ангажманот, на вработените лани им била исплатена просечна плата од 63.222 денари. Во однос на претходната година, просекот бележи дополнителни 44,14 насто.

    Веќе две години со НЈСК Холдинг раководи д-р Сашо Стефаноски. Во јавноста е познат како директор на Фондот за здравствено осигурување и државен секретар во Министерствата за одбрана и за локална самоуправа.

    Инаку, компанијата што работи со најсовремената технологија, има и сопствена физичко-хемиска лабораторија. Годишниот капацитет на суво цвеќе е 15 тони и има голем капацитет за екстракција. Во одгледувањето канабис се применети практиките и искуствата од деловните партнери од САД, Канада и Израел.

    Производите на НЈСК Холдинг се достапни на пазарите во повеќе држави, меѓу кои во: Германија, Обединетото Кралство, Полска, Чешка, Украина, Австралија.

    Преку НЈСК Холдинг Македонија има важна улога во оперативниот систем на PHCANN и е дел од мрежата што ги вклучува и Германија, Полска и Хрватска.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично