Колку време би било потребно за да се изеде содржината од 2.260 тегли Нутела? И колку луѓе би биле потребни? Агенцијата за животна средина на шведскиот град Малме со месеци се справува со вакви прашања. По случајно откритие во магацин, повеќе од 2.000 тегли Нутела сега стојат на палета – и не смеат ниту да се продадат, ниту едноставно да се фрлат.
Според градските власти на Малме, теглите биле пронајдени минатото лето, кога инспекторите за храна всушност проверувале нешто друго во магацинот. Бидејќи не можело да се пронајде и утврди потеклото на теглите со Нутела, на фирмата во чијшто магацин се најдени не им беше дозволено да се продаваат.
Но, проблемот настапи со спроведувањето на одлуката за фрлање на Нутелата. Шведските закони не дозволуваат Нутелата да се фрли сосе теглите. На кремот од чоколадо и лешник не можело да се пронајде потеклото и затоа не смее да се продава во Шведска, но администрацијата не смее, според законот, да ги отстрани теглите додека не се испразни содржината.
Кој ќе го вади густиот чоколаден крем од теглите со лажица?
Од почетокот на 2024 година, закон во Шведска бара содржината на повеќето прехранбени производи да се отстрани пред фрлање. И секој што некогаш се обидел брзо да испразни тегла кремаста Нутела знае колку може да биде здодевно ова. Власта „нема ниту услови ниту капацитети за спроведување на ова одвојување“, изјави за шведскиот весник Сидсвенскан, Арвид Нордланд, раководител на Администрацијата за животна средина.
Агенцијата сега се обидува да ја натера владата да го ревидира законодавството. Според Нордланд, исклучокот не е правилен пристап во овој случај – агенцијата за животна средина тогаш би морала самата да го одобри, што во секој случај не е можно.