Македонија сака добра соработка со сите соседи, но посебно ни е важна соработката со Грција која е членка на ЕУ. Имаме одредени проблеми во политичкиот дел но економијата треба да е нешто што не спојува со цел да се отвораат нови и добро платени работни места, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, на маргините на денешниот Форум за поврзување на Југоисточна Европа што денес и утре се одржува во Солун. „Треба да сме паметни и да соработуваме, ние сме соседи, природно сме поврзани и двата народа треба да соработуваат. Треба да видиме грчки инвестиции во Македонија, македонски во Грција, треба да има развиена соработка на македонски компании со солунското пристаниште, треба да го развиваме туризмот на двете страни“, рече Николовски.
Македонскиот вицепремиер денес, во рамките на посетата на Грција и учеството на Форумот во Солун имаше средба со грчкиот министер за поморство и политики за островите, Христос Стилијанидес, како и со својот грчки колега Христос Стаикурас, министер за инфраструктура. „Денес остварив посета со господинот Стилијанидис, кој е врвен европски политичар, а сега е министер на она што е можеби и најбитно во Грција а тоа е морепловството и островите. Остварив средба и со министерот за транспорт и комуникации околу поврзаноста помеѓу двете држави. Имав средба и со раководството на солунското пристаниште, како и на пристаништето во Кавала и на Суецкото пристаниште, кои се многу битни за поврзување на целиот регион. Со други зборови ја отвораме вратата, има големи можности за соработка“.
Во рамките на форумот, македонскиот вицепремиер го истакна значењето на двата инфраструктурни проекта кои се од регионално значење, а се приоритет за новата Влада – изградбата на брзата пруга која Македонија ќе ја поврзе со Грција и со Србија, како и гасното поврзување со Грција и со северниот сосед. „Реалноста во Европа се менува и ова е уникатна можност за нас да ја искористиме географската положба што ја имаме. Истото треба да го направиме и со гасоводите, за што треба да изградиме интерконектори со Грција и со Србија како би станале гасна крстосница за Европа, каде голем дел од гасот за Европа би поминувал низ наша територија. Македонија може да живее од наплата на транспортни трошоци“, нагласи Николовски.
Тој како особено добра вест на Форумот сподели дека македонската Влада објави тендер за изградба на интерконекторот со Грција. „Финансирањето оди преку Европската инвестициска банка, која е официјална инвестициска банка на ЕУ, што правела претходната влада не знам, треба да се испита но ние еве за три месеца тоа го завршивме. Очекувам веќе во ноември да имаме отворање на понудите и за две до три години да биде изграден интерконекторот со Грција“, рече Николовски, кој, исто така се осврна на фактот дека напорите на ЕУ комплетно да се ослободи од рускиот гас до 2027 година сосема се вклопуваат во плановите на македонската влада за гасно поврзување по оската север југ. Ова, според Николовски геостратешки може да ја тргне Русија од мапите на Европа за снабдевање со гас, таа да не биде зависна од снабдување со течен гас само од север, туку снабдувањето со гас да биде по прифатливи цени и за Европа а и ние ќе заработиме од тоа што тој гас поминува преку наша територија.
Форумот за поврзување на Југоисточна Европа годинава беше во знакот на поврзаноста која е од клучно значење за економскиот развој и одржливиот раст. Експерти, креатори на политики, претприемачи и инвеститори од регионот дискутираат околу стратегии за модернизација на транспортната и инфраструктурната мрежа, интеграција на дигиталните и енергетските системи и искористување на вештачката интелигенција (AI) во мобилните решенија на поширокиот регион и потребата за поголема соработка.
Југоисточна Европа, беше речено на оваа меѓународна конференција, се наоѓа на пресвртница, каде што инвестициите во инфраструктурата и прифаќањето на одржливите практики се предуслов за подобрување на конкурентноста на регионот и адаптирање кон динамичниот глобален пејзаж. Форумот во Солун ги истакнува клучните прашања во дигиталната и енергетската инфраструктура, интеграцијата на вештачката интелигенција во поврзаноста и мобилноста, како и инвестициските потреби за европските пристаништа и големите инфраструктурни проекти.
Се очекува денес и утре дискусиите да ги истакнат можностите и предизвиците со кои се соочува Југоисточна Европа, регион кој претставува клучен транспортен центар. Клучните теми ќе вклучуваат инвестиции во инфраструктурата како катализатор за раст, важноста на ESG практиките и зелената мобилност за постигнување одржлива поврзаност, како и улогата на енергетскиот мост во поврзувањето на Југоисточна Европа.
Дополнително, учесниците ќе разгледаат стратегии за позиционирање на Грција како логистички центар и зајакнување на соработката меѓу засегнатите страни за надминување на инвестициските празнини и подобрување на конкурентноста на регионот.
Југослава Дуковска, специјално од Солун