
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, денеска беше во Маџир Маало, во општина Центар, каде заедно со кандидатот за градоначалник на општината, Мирослав Лабудовиќ, даде изјава за состојбите во овој дел од градот. Тој посочи дека поединци блиски до актуелното раководство на општина Центар го гледаат урбанизмот единствено низ призма на личен финансиски интерес, а поради тоа, граѓаните во Маџир Маало живеат во услови кои не доликуваат на 21 век.
,,Денеска ќе се видиме и ќе поразговараме со жителите на Маџир Маало, ова е срцето на главниот град, срцето на Скопје. За жал луѓето живеат во супстандардни услови и овде можете на дело да видите како изгледа урбанистичкиот хаос и создавање на урбанизам само во интерес на поединци”, кажа Николоски и додаде:
,,Затоа што поединци кои што се блиски на актуелното раководство на општина Центар, не можат тука да си го најдат финансискиот интерес и не можат тука да најдат бизнис. Затоа луѓето овде живеат во една ситуација која што не приличи на 21 век”.
Николоски укажа и на примерот со новите згради кои се градат во Маџир Маало, каде што тесните улици создаваат проблем и за новите жители, но и за оние кои веќе живеат тука.
,, Низ оваа тесна уличка треба да поминуваат сите кои што ќе живеат во овие нови згради кои што се градат тука, а од другата страна зад мене не можат луѓето да си стигнат до куќите. Ова на најдобар начин покажува на кој начин се уништува општина Центар и зошто се потребни промени во општина Центар”, истакна Николоски.
Николоски потсети дека, откако е министер за транспорт и врски, гласно зборува за урбанистичките проблеми и во општина Центар и во општина Карпош.
,,Јас многу гласно и за општина Центар и за општина Карпош зборувам откако сум избран за министер. Предложив на двете општини и на двата актуелни градоначалници да донесеме специјални закони за општина Центар и за општина Карпош, кои што би дале развој, но би го заштитиле во исто време урбаното живеење. Двајцата не се согласија, и ги гледаме сега причините зошто“, рече Николоски.
На крај, Николоски истакна дека заедно со кандидатиот за градоначалник на општина центар, како иден градоначалник на општина Центар, ќе работат на решавање на проблемите на жителите од Маџир Маало.
,,Ќе работиме да ги решиме овие проблеми и луѓето кои тука денеска разговараат со нас, од Маџир Маало конечно да добијат пристојни услови за живот”, заклучи Николоски.
Аналитика








