Нема да се повтори 2008 година кога ДУИ со притисоци успеа да влезе во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, вели потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. Тој додава дека неговата партија е сменета и дека се цврсто решени да не направат коалиција со ДУИ. Смета и дека Интегративците ги пласираат муабетите за идно учество во владата за да го задржат своето членство на купче и дека партијата се уште им е потребна.
„И кога сфатија дека сите планови им пропаднале, за 180 ̊ сменија плоча и почнаа секаде да зборуваат дека ДУИ ќе е дел од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Па така цела пролет 2024 зборуваа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите, зборувам помеѓу нивните гласачи, но ДУИ ќе е дел од Владата. Дел што беа похрабри зборуваа дека тие ќе ги диктираат условите, ќе кажувале кој ќе е премиер, кои ќе се министри итн. По завршување на изборите, истото го зборуваа, сѐ додека не станаа свесни дека нема да се случи таа работа. И откога ја формиравме Владата продолжија да зборуваат дека само што не влегле во Владата, за три месеци, за шест, па после локални, предвремени парламентарни итн. И зошто го прават ова? Ова го прават за да ги држат нивните гласачи на купче затоа што ним им велат само што не дошла пролет, односно во превод им велат – седете со нас, без разлика што ве разочаравме, немојте да бегате од нас, затоа што ние кај и да е ќе влеземе во Влада и пак ќе ви требаме. Мислам дека тоа е прочитано, дека не проаѓа кај гласачите, најмалку кај нивните гласачи, а коалиција на ова ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа било некое друго раководство на ВМРО-ДПМНЕ во 2008-ма, коалиција на ова ВМРО-ДПМНЕ со ова од ДУИ нема да има...“