ПОВЕЌЕ

    НЕМА ЗЕМЈА ВО РЕГИОНОТ КАДЕ ШТО ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА СКОКНАЛЕ ТОЛКУ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ како кај нас

    Време зa читање: 4 минути

    Кравјо сирење чини речиси 400 денари, пакување зденки од 110 до 200 денари, путер околу 200 денари за 250 грама, кајсии над 100 денари за килограм, цреши најмалку 200 денари, вишни 300 денари… Со вакви цени се борат нашите сограѓани секојдневно. Владата постојано е приморана да презема непопуларни мерки за да го заузда дивеењето на цените. Дали пак е исправена пред нов предизвик, да смислува начини како да ги ограничи цените? Зошто од сите страни на социјалните мрежи се шират вести дека храната кај нас е поскапа дури и од Германија? Дали кај нас законот на понуда и побарувачка сѐ уште создава предуслови да бидеме сѐ поскапа земја во однос на храната, или желбата за добивка во прехранбениот синџир е поголема од реалноста?

    Ако се суди според регионалните статистики, растот на цените во Македонија не е оправдан. Мајските податоци покажуваат дека никаде во околинава, па и пошироко, цените на ставката „храна и безалкохолни пијалаци“ не е зголемена колку во Македонија.

    ВО АЛБАНИЈА И ВО ГРЦИЈА ИМА ДЕФЛАЦИЈА

    Во нашето опкружување, т.е. во Албанија и Грција, во мај во однос на април трошоците за храна и за безалкохолни пијалаци дури и се намалиле, односно имало дефлација. Во Македонија за еден месец тие скокнале за дури 4,1 насто!

    Извор: агенциите за национални статистики на наведените земји

    Како што може да се види од табелата, месечен раст на цените на храната има и во другите земји, но значајно помал, па во Србија и во Словенија е 0,4 насто, но таму годишниот раст на цените е поголем во однос на нашиот. Сепак, треба да се земе предвид и дека Словенија, дури и во периодот кога инфлацијата во целиот свет најмногу беснееше, имаше најниска инфлација од сите земји од поранешна Југославија. Македонија, пак, речиси постојано беше на тапет за високата инфлација во однос на другите земји.

    Во Хрватска месечната инфлација била 1,4 насто, а во Црна Гора 1,5 насто.

    КАКО Е НА ГЛОБАЛНО НИВО?

    Македонија е увозно зависна земја. Според последните статистички податоци, во првите четири месеци за увоз на храна потрошила над 370 милиони евра. Од друга страна, извозот чинел дупло помалку ‒ околу 180 милиони евра.

    Глобалните цени на храната, мерени според индексот на цените на храната од ФАО, малку се намалиле во мај, за 0,8 отсто во однос на април, но останале 6 насто повисоки во однос на претходната година. Ова намалување првенствено се должи на пониските цени на житарките, шеќерот и растителните масла. Сепак, индексот останува повисок од претходната година, што укажува на континуиран ценовен притисок во споредба со нивоата пред мај 2024 година, информираше ФАО.

    Загрижуваат идните движења. Конфликтот меѓу Израел и Иран веќе се одразува преку зголемувањата на цените на нафтените деривати. Економистите се согласуваат дека израелско-иранскиот конфликт може да има сериозни и долгорочни економски последици, како на регионално, така и на глобално ниво. Иран е голем производител на нафта и гас, а Ормускиот Теснец (стратешки премин низ кој минува околу 20 насто од светската нафта) е потенцијална точка на блокада. Потенцијалната опасност од енергетска инфлација би ги зголемила цените на транспортот, храната и производството насекаде во светот.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично