Се штеди на храна, на облека, на домување и комуникација, па дури и на здравје, само за да се задоволат пушачките навики. И да се обезбедат потребните дневни, месечни колични на цигари. Освен што предизвикува здравствени, пушењето повлекува и егзистенцијални проблеми. Особено кај семејствата со ниски примања, покажуваат наодите од истражувањето на тема колку пари се трошат за цигари, спроведено од невладината организација „Аналитика“ и насловено „Ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во РС Македонија“.
Резултати од истражувањата за социјалните и економските ефекти од пушењето беа презентирани во рамките на настанот „Економски политики за подобро здравје и подобра иднина“.
„Проблематични се семејствата кои спаѓаат во ранливата категорија, односно имаат ниски приходи. Ако се на работ на сиромаштијата, ќе ги доведе во секундарна сиромаштија. Трошењето пари на цигари го намалува трошењето на основните потреби како храна, образование и здравство“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.
Меѓу согледувањата е и тоа дека потрошувачката на тутун е зголемена кај сите доходовни групи, во периодот од 2018 до 2022 година. Во вкупниот буџет на домаќинствата давачката за купување цигари расте од 10,3% во 2018 на 13,2% во 2022 година. Тоа има големо влијание врз семејствата со низок доход.
Кај нив е забележано дека трошоците за тутун ги истиснуваат оние другите – за основните потреби како храна, здравје и домување. „Помеѓу 2018 и 2022 година, уделот на буџетот потрошен за тутун кај домаќинствата со низок доход се зголеми од 5,6% на 8,9%“, пишува во извештајот.
Промени има и кај другите две групи.
Домаќинствата со среден доход штеделе, односно за сметка на цигарите ги намалиле трошоците за мебел, образование и рекреација. Во нивниот домашен буџет парите дадени за тутун се зголемиле од 4,6% на 7,4%.
Оние, пак, со висок доход, ги занемариле мебелот и домувањето, при што трошоците за тутун се придвижиле од 3,2% на 5,3%. Исто така, кај оваа категорија е утврдено дека потрошувачката на тутун е директно поврзана со зголеменото трошење на алкохол, забава и ресторани.
Институтот за јавно здравје пред неколку недели ја активираше телефонската линија за советување за откажување од пушењето. Заинтересираните можат да се јавуваат секој понеделник и среда од 11 до 13 часот. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вели дека за кратко време е постигнат успех, односно се јавуваат граѓани од различна возраст кои бараат помош.
„Се јавуваат луѓе од секоја возраст. Јавувањето е анонимно. Не завршува сѐ со еден повик, постојат протоколи кои се следат. Ги охрабрувам луѓето да се јават, бидејќи веќе имаме резултати како откажани пушачи“, нагласи Андоновска.
Овие наоди покажуваат дека има потреба од насочени политики за намалување на потрошувачката на тутун и подобрување на животниот стандард, особено за најранливите групи.
Меѓу другото, потребни се кампањи и едукација и за здравствените работници, за да можат да помогнат во поддршката на пушачите кои сакаат да се откажат.
„Интензивно работиме периодов на подготвување на национален протокол за одвикнување од пушење за примарна здравствена заштита. Многу подостапни ќе бидат советите кои ќе ги даваат здравствените професионалци. Научни докази постојат дека и еден краток совет што ќе се даде на граѓанинот кој е активен пушач ќе има ефект“, вели Катерина Ставриќ, од Центарот за семејна медицина.
Македонија е меѓу државите со најмногу пушачи во Европа. Според податоците од 2019 година, 48,4% од возрасната популација пуши, при што 81,4% од секојдневните пушачи почнале пред да наполнат 25 години, а 44,4% пушат повеќе од 20 цигари дневно, што е значително над европскиот просек. Високите стапки на пушење не само што го обесхрабруваат откажувањето од пушењето, туку и ја зголемуваат веројатноста младите да започнат со пушење, без оглед што голем број заболувања се јавуваат како последица од редовната употреба на тутун.