ПОВЕЌЕ

    НЕМА ВЕЌЕ ЕВТИН ГАС ОД РУСИЈА ЗА ЕВРОПА: Украина го затвори рускиот гасовод кон ЕУ

    Време зa читање: 5 минути

    Рускиот гас повеќе не тече низ Украина до земјите од Европската унија, бидејќи истече петгодишниот договор за снабдување, а со тоа и децениската соработка меѓу Русија и земјите од ЕУ на ова поле.

    Руската компанија Гаспром потврди дека испораките преку Украина во Европа се прекинати на 1 јануари во 6 часот по средноевропско време.

    Москва испорачува гас преку Украина од 1991 година.

    Полската влада смета дека прекинот на испораките е „уште една победа“ над Москва.

    Европската унија е подготвена за оваа промена и повеќето членки на блокот ќе се справат со неа, изјавија од Европската комисија.

    Украина нема да дозволи Русија да „заработи дополнителни милијарди на нашата крв“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

    Русија сè уште може да испорачува гас до Унгарија, Турција и Србија преку Турски тек, гасовод што минува преку Црното Море.

    Иако непосредните последици се благи, политичкото и симболичното влијание врз цела Европа е огромно. Русија изгуби важен пазар, но нејзиниот претседател Владимир Путин вели дека најмногу ќе страдаат земјите од Европската унија.

    ЕУ значително го намали увозот на гас од Русија од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, но неколку земји на истокот на блокот сè уште се прилично зависни од рускиот гас, што на Москва и носи годишен приход од пет милијарди евра.

    Уделот на рускиот гас во вкупниот увоз на тој извор на енергија во ЕУ во 2021 година бил 40 отсто, додека во 2023 година бил помалку од 10 отсто, покажуваат податоците. Но, некои членки како Словачка или Австрија продолжија да увезуваат значителни количини гас од Русија.

    Австрискиот енергетски регулатор не очекува прекини во снабдувањето бидејќи земјата создаде резерви и почна да увезува гас од голем број различни добавувачи.

    Во Словачка, прекинот на испораките преку Украина доведе до сериозни тензии, бидејќи преку таа централноевропска земја минува магистралниот гасовод преку кој рускиот гас стигнува до Австрија, Унгарија и Италија, а Словачка наплаќа и транзитни такси за него.

    Словачка сега ќе мора да плати повеќе за протокот на гас преку други гасоводи, велат словачките власти.

    Молдавија, која не е дел од ЕУ, веќе се соочува со недостиг на гас.

    Цените на тој енергетски производ за потрошувачите ќе се зголемат во 2025 година, објави на почетокот на декември енергетскиот надзорен орган на Словачка.

    Раскинувањето на договорот за снабдување со гас ќе има „драстични“ последици за земјите од Европската унија, но не и за Русија, изјави во средата словачкиот премиер Роберт Фицо, пренесува Ројтерс.

    Фицо, кој беше во ненадејна посета на Москва за да се сретне со Путин, минатиот петок се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина. Поради ова, Зеленски го обвини Фицо дека му помага на Путин „да ја финансира војната и да ја ослабне Украина“. „Фицо ја вовлекува Словачка во обидите на Русија да им нанесе поголемо страдање на Украинците“, смета Зеленски.

    Полска се понуди да му помогне на Киев доколку Словачка го прекине снабдувањето со електрична енергија, што е од клучно значење за Украина бидејќи нејзините капацитети за производство на електрична енергија се под постојан руски напад.

    Постојат алтернативни цевководи за меѓународниот пазар, како оние во Хрватска, Германија и Полска, изјави за Би-Би-Си Радослав Сикорски, министер за надворешни работи на Полска. „Овие рути треба да се користат за Русија да не заработува пари од продажбата на нафта и гас на Европската унија“, смета тој.

    Полска увезува гас од Америка, Катар и Северното Море, додаде тој.

    „Колку што знам, сите земји имаат на располагање алтернативни рути“, вели Сикорски.

    Молдавија, која не е дел од ЕУ, би можела да биде позначајно погодена од истекувањето на договорот. Таа добива голем дел од својата електрична енергија од електрана која работи на руски гас.

    Тоа е исто така извор на електрична енергија за Придњестровје, отцепен молдавски регион поддржан од Русија со околу 300.000 жители, кој граничи со Украина.

    Гаспром на 28 декември објави дека на 1 јануари ќе ја прекине испораката на гас за Молдавија поради неплатени долгови.

    Молдавскиот премиер Дорин Ресеан ги негираше обвинувањата за долг и ја обвини Русија дека ја користи „енергијата како политичко оружје“.

    Овој потег на руската компанија ќе го остави Придњестровје „без осветлување и греење среде зима“, додаде тој во објавата на социјалните мрежи.

    Придњестровје остана без греење и топла вода „поради привремениот прекин на снабдувањето со гас“ во средата во 7 часот по локално време, објави енергетската компанија Тирастеплоенерго на платформата Телеграм.

    Населението се советува да се облекува топло, да собира семејства во една просторија, да закачува ќебиња или дебели завеси на прозорците и да користи електрични греалки.

    Се очекува во среда навечер температурите да паднат под нулата.

    Болниците продолжуваат да добиваат гас, соопшти компанијата.

    Владата презема мерки за да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, но населението е повикано да заштеди енергија, изјави Константин Боросан, министер за енергетика на Молдавија.

    Во енергетскиот сектор во земјава од средината на декември на сила е вонредна состојба, која ќе трае вкупно 60 дена.

    Молдавската претседателка Маја Санду го обвинува Кремљ за „уцена“ со цел да се дестабилизира Молдавија пред општите избори во 2025 година.

    Европската унија најде алтернатива за рускиот гас во течниот нафтен гас од Катар и Америка, како и гасот што пристигнува од Норвешка преку гасоводи од почетокот на руската инвазија на Украина.

    Во декември, Европската комисија претстави план за целосно замена на протокот на руски гас низ Украина со други извори.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично