Повисоки плати и поголеми работнички права не можат да се обезбедат од дома – им порача на работниците претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во јавниот повик упатен до нив за масовно присуство на протестите закажани за 28 јануари.
„Бараме да ни се придружи секој еден работник на 28 јануари во 17 часот, затоа што седејќи дома дава поддршка на политиката на ниски плати, на мизерни примања и на тежок работнички живот“, вели Трендафилов, укажувајќи дека „другите сметаат дека нема потреба да носат одлуки во интерес на 540 илјади работници наспроти 1.080 функционери“.
Еден работник не може многу да направи, нагласува тој:
„Време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права, време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките платите, време е работниците да сфатат дека се сами оставени и дека еден работник не може да промени многу, но заедно можеме да промениме сѐ.
Одлуката за протестите беше едногласно донесена на вчерашната седница на Советот и Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Причини за незадоволство има повеќе, но главниот мотив за јавна манифестација на незадоволството се ниските плати и лошиот животен стандард на работниците во државата. Основните барања се минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 100 евра.
„Работниците веќе јасно се изјаснија – 99,5 отсто од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови“, истакна неодамна Трендафилов за Пари. Притоа посочи дека најголемата манипулација на работодавачите е дека нема продуктивност и затоа не можат да се зголемат работничките плати, но реланоста е дека македонските работници се продуктивни, но се премалку платени.
Аналитика








