Слабости во капиталните инвестиции, нефункционални зони и финансиски ризици во ДТИРЗ, констатира Државниот завод за ревизија во Извештајот од извршената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за 2024 година.
Ревизорите утврдиле состојби и неправилности што резултирале со „неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива“ за сметката на основниот буџет, како и „мислење со резерва“ за самофинансирачките активности.
Во извештајот се наведува дека инвестициите во тек во износ од 4.243.216 илјади денари, односно 68.995.382 евра, сè уште се водат како материјални средства во подготовка, „иако во најголем дел се ставени во употреба“, при што „не се пресметува амортизација“, бидејќи „не се исполнети условите и законските решенија за добивање одобренија за употреба“.
Дополнително, до крајот на 2024 година „не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ“. Односно усвоена е дури во декември, а се однесува на периодот 2025–2027 година.
Ревизијата утврдила сериозни слабости кај договор вреден 1.781.800 илјади денари со ДДВ (28.972.357 евра) за изградба на објекти во ТИРЗ Скопје 1, Скопје 2, Штип и Прилеп, склучен во 2023 година по принцип „клуч на рака“. Според извештајот, набавката била спроведена „без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија за економската оправданост и без изработена проектна документација со предмер и пресметки“.
Ревизорите нотираат дека „проценетата вредност на набавката е утврдена без целосни и веродостојни анализи“, а исплатен е и аванс од 20 проценти, во износ од 302.000 илјади денари (4.910.569 евра). Понатаму се наведува дека договорот „не содржи јасно уреден начин на плаќање за изработка на проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик за договорниот орган“, поради што ДТИРЗ во јули 2025 година доставила информација до Владата за спогодбено раскинување на договорот.
Слични слабости се утврдени и кај договорот за изградба на административен објект во ТИРЗ Штип, вреден 212.398 илјади денари (3.469.886 евра), каде што „изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење“, што „не е согласно Законот за градење“.
Во делот на јавно-приватното партнерство за ТИРЗ Гевгелија ревизијата утврдила дека иако договорот за консултантски услуги е реализиран во 85 отсто од вредноста (33.088 илјади денари), „клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани“, што „укажува на несоодветно користење на буџетските средства“.
Кај рамковната спогодба за маркетинг и промоција, ревизорите наведуваат дека дел од услугите биле извршувани и покрај тоа што во ДТИРЗ постои Сектор за маркетинг и комуникација, а „поради невоспоставени индикатори за мерење на ефектите не се уверивме во потребата и ефектите од извршување на предметот на договорот“.
Извештајот открива дека „287 хектари од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени“, додека „седум од вкупно 16-те зони, на површина од 203,5 хектари, и една индустриска зона од 3,2 хектари не се ставени во функција“.
Во зоните што не се ставени во функција, во периодот 2009–2023 година реализирани се инвестиции од 143.408 илјади денари (2,3 милиони евра). Дополнително, „наталожени се обврски по основ на задржан депозит“, при што „постои реален ризик од покренување на судски постапки од страна на изведувачите“.
Ревизијата укажува и на проблем со депозит од 7.181 илјади денари по договор за закуп на деловен простор од 2024 година, кој „до денот на известување од ревизијата не е вратен од страна на закупецот“, и покрај тоа што е поведена судска постапка.
За сите утврдени состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки за нивно надминување, со цел намалување на финансиските и правните ризици во работењето на ДТИРЗ.
Аналитика








