ПОВЕЌЕ

    Небанкарски алтернативи за финансирање

    Време зa читање: 3 минути

    Развојот на технологијата овозможи и паралелно развивање на бројни алтернативни извори за финансирање на потребите на приватниот сектор. Алтернативните извори за финансирање исто така се користат и од страна на поединци кои имаат потреба од средства за финансирање на некоја цел. Развојот на нови претпријатија кои нудат финансиски услуги преку употребата на новата технологија, се познати како финтек компании (financial technology – fintech).

    Зависно од начиниот на финансирање и начинот на прибирање на капитал, постојат неколку основни модели на компаниите за алтернативни извори на финансирање. Алтернативните извори на финансирање се појавуваат како конкуренти на банките.

    Пазар на онлајн платформи за кредитирање

    Онлајн платформите за кредитирање нудат можност на индивидуи со вишок слободни средства да ги позајмуваат своите средства на субјекти кои имаат потреба за капитал (физички и правни лица). Онлајн платформите, односно финтек компаниите, заработуваат приходи преку наплата на провизии и/или добивање на дел од каматните приходи кои се исплатени на финансиерите. Овој модел на финансирање може има три основни типа кои се разликуваат според начинот на исплата на средствата, ризикот за заработениот приход и дали е вклучена банка во процесот на кредитирање.

    Peer-to-peer платформи за кредитирање

    Примарната цел на овие платформи за кредитирање е да ги поврзат индивидуалните инвеститори (кредитори) со индивидуалните кредитобаратели. П2П платформите ја елиминираат потребата на посредници, односно потребата за процесот за кредитирање да го реализира банка. Елиминирањето на банките како финансиски посредници, овозможува понуда на подобри услови за кредитирање и инвестирање. Со други зборови, инвеститорите може да заработат повисока каматна стапка споредено со каматната стапка која се нуди на банкарските депозити. Исто така, кредитобарателите имаат можност да добијат подобри услови на бараните заеми.

    И покрај можноста за поголема заработка, сепак онлајн платформите не можат да гарантираат дека кредитобарателот ќе го подмири својот долг. Поради ова постои ризик инвеститорот да ги загуби инвестираните средства, ваквиот ризик не постои доколку инвеститорот ги депонира своите средства во банка.

    Меѓутоа, за да се намали ризикот од неисплаќање на заемите, платформата за кредитирање ги распоредува средствата од индивидуалниот инвеститор помеѓу повеќе различни кредитобаратели. На овој начин еден инвеститор позајмува средства на повеќе субјекти. Се создава портфолио од кредитобаратели на кои се исплатени средствата на инвеститорот. При ваквиот модел на кредитирање, доколку еден субјект не ги врати позајмените средства, загубата на инвеститорот е ограничена. Со други зборови, еден кредитобарател е финансиран од страна на повеќе инвеститори. На овој начин, во случај на неисплаќање, повеќе инвеститори ќе изгубат мал износ, наместо еден инвеститор да ги загуби сите вложени средства.

    Краудфундинг платформи

    Овој модел на финтек компанија им дава можност на правните и физичките лица да ги финансираат своите проекти со задолжување, понуда на сопственост или привлекување на донации. На овој начин може да се сретнат неколку форми на краудфундинг платформи зависно од начинот на финансирање и видот на принос. Кај краудфундинг врз основа на донации, инвеститорот не очекува никаков принос. Кај краудфундинг финансирање со долг, инвеститорот добива надомест во форма на каматна стапка. Краудфундинг со акции овозможува инвеститорот да се стекне со сопственост во проектот за кој се собираат средства.

    Субјектите кои имаат потреба од средства, го објавуваат својот проект на краудфундинг платформата. Се прави кампања за промоција на проектот до потенцијални финансиери. Заинтересираните финансиери имаат можност да го финансираат проектот.

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично