
Иако живеат во економски најразвиениот дел од светот, децата во многу богати земји денес се помалку среќни, помалку здрави и послаби во училиште отколку пред неколку години. Ова го покажува најновиот Извештај за Иносенти број 19 на УНИЦЕФ, кој ги анализира условите за живот на децата во 43 земји од ОЕЦД и Европската унија.
На врвот на ранг-листата за целокупна благосостојба на децата се наоѓаат Холандија, Данска и Франција. Овие земји бележат високи резултати во менталното здравје, физичкото здравје и развојот на вештини, што, според УНИЦЕФ, е резултат на стабилни социјални политики, силни образовни системи и континуирана поддршка за семејствата.
Холандија, која повторно се најде на првото место, се издвојува по високо ниво на задоволство од животот кај децата и по добри рамнотежи меѓу училишните обврски и слободното време. Данска и Франција, пак, се истакнуваат по добри здравствени индикатори и високо ниво на основни академски и социјални вештини.
Сосема поинаква е сликата кај земјите на дното од табелата. Осум држави се рангирани во најниската третина во најмалку две од трите клучни области – ментално здравје, физичко здравје и вештини. Во овие земји, децата почесто се соочуваат со прекумерна тежина, пониско задоволство од животот и послаби образовни резултати.
Извештајот покажува и силни контрасти меѓу поединечни показатели. Така, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Романија и Словачка се релативно високо рангирани по ментално здравје, но истовремено се наоѓаат меѓу најлошите по физичко здравје. Јапонија, Јужна Кореја и Словенија, пак, имаат високи образовни постигнувања, но сериозно заостануваат кога станува збор за менталната благосостојба на децата.
Чешка и Исланд се пример за земји со добри резултати во физичкото здравје, но со слабости во менталното здравје и развојот на вештини, што укажува дека ниту една држава нема целосно избалансиран модел на детска благосостојба.
Пандемијата COVID-19 дополнително ги продлабочи разликите меѓу земјите. Во речиси сите анализирани држави е забележан пад на академските резултати, особено по математика, додека задоволството од животот кај адолесцентите се намалило во поголемиот дел од земјите. Единствен исклучок е Јапонија, каде што е забележано подобрување во оваа категорија.
УНИЦЕФ предупредува дека и најбогатите земји не се имуни на глобалните кризи и дека без целосен и долгорочен пристап кон детските политики, постигнатиот напредок лесно може да се изгуби. Извештајот повикува на системски мерки што ќе го стават детството во центарот на јавните политики, без разлика на економската моќ на државите.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








