ПОВЕЌЕ

    НАУЧНИЦИТЕ ЗАГРИЖЕНИ – Јадранското море се затоплува побрзо од очекуваното, рекордни температури дури и во најголемите длабочини

    Време зa читање: 3 минути

    Пеколните летни температури не предизвикуваат само шумски пожари и потешкотии за нормалниот живот на луѓето во областите на јужна Европа, во кои спаѓа и поширокиот дел на Балканскиот полуостров, туку создаваат и ненадоместливи загуби и тешки последици и на морскиот свет, а трендот не го заобиколи ниту Јадранот. Температурата на Јадранското Море денес е повисока отколку било кога во минатото – и трендот на затоплување продолжува. Во последните дваесет години, површинските летни температури често надминуваат 27 °C, а во поплитките области достигнуваат и 29 °C, што е за 1–2 °C повеќе од крајот на минатиот век. Најновите мерења покажуваат дека дури и длабоките слоеви се затоплуваат – во јужниот Јадран, на 200–1000 метри, температурата пораснала за 0,8 °C за само една деценија, вели д-р Наталија Дуниќ од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит, Хрватска, во авторски текст за Klima101.rs.

    МОРСКИ ТОПЛОТНИ БРАНОВИ НОСАТ АЛГИ, МЕДУЗИ И СМРТ ЗА РИБИТЕ

    Сè почести се морските топлотни бранови, кога морето не се лади ни ноќе. Тоа порано беше ретка појава, а денес нема лето без нив. Последните три години се меѓу најтоплите откако се вршат мерења, потврдуваат сателитските и теренските податоци.

    Овие екстреми го менуваат целиот екосистем: микроорганизмите се под силен стрес, дел од рибите и школките страдаат, а во плитките заливи се забележува појава на медузи и губење кислород.

    Не е во прашање само температурата. Морето станува и посолено, што влијае врз густината и струењето. Овие промени, кои порано траеле со децении, денес се случуваат за неколку години. Дополнително, нивото на морето од 1980-тите пораснало за повеќе од 10 сантиметри, најмногу поради термичката експанзија на водата.

    Иако денешната стапка на раст е околу 3-4 мм годишно, таа е константна и кумулативна. Во комбинација со бури и силни јужни бранови, ова го зголемува ризикот од поплави, ерозија и оштетување на имотот на брегот, смета научната фела.

    Последиците од зголемувањето на температурата на морето се видливи и со голо око. Морето е потопло, сезоната на пливање е подолга, но во исто време сè повеќе сме сведоци на цветање на морето, губење на кислород и појава на медузи. Некои организми се повлекуваат во подлабоки слоеви, додека други видови доаѓаат од потоплите региони. Локалните екосистеми, особено во плитките заливи, стануваат сè почувствителни. Иако се случуваат промени во морето, последиците ги чувствуваат и луѓето – преку риболов, туризам и квалитетот на морето.

    Што велат научниците за мерките за ублажување на последиците од затоплувањето на Јадранското море? Според нив, потребно е редовно следење и системи за рано предупредување, заштита на морските живеалишта (како ливадите со позидонија), планирање на крајбрежниот развој според климатските сценарија, вклучување на локалната заедница и туристичкиот сектор во адаптацијата.

    Промените што ги гледаме во Јадранското Море не се изолирани. Слични трендови – зголемување на температурата и соленоста, сè поизразена стратификација и сè почести појави на морски топлотни бранови – се забележуваат и во Тиренското и Егејското Море, како и во Левантинскиот Залив.

    Денес, Медитеранот е еден од најбрзо затоплувачките морски басени во светот. Јадранското Море е особено чувствително бидејќи е плитко, полузатворено и под влијание на речните текови и копнената клима.

    (Фото: Croatia Yachting Charter)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично