Неколку членки на НАТО распоредуваат мал број војници на Гренланд, обидувајќи се да ја зајакнат безбедноста на арктичкиот остров по напнатите разговори со Белата куќа за желбата на САД да го анектираат.
Данска, која е одговорна за одбраната на Гренланд, како и Германија, Франција, Шведска и Норвешка ги потврдија плановите за испраќање воен персонал на ретко населениот остров оваа недела.
Франција соопшти дека ќе распореди одред во Гренланд за да учествува во заедничка „вежба за ладно време“ со Данска и неколку други европски земји, додека американскиот претседател Доналд Трамп рече дека не може да се потпре на Данска за заштита на Гренланд од Русија и Кина.
Според француското Министерство за вооружени сили, мисијата ќе вклучува планински воени единици, а деталите за бројот на војници и нивниот точен мандат ќе бидат објавени за време на годишното обраќање на претседателот Емануел Макрон до вооружените сили во четврток во воздухопловната база Истрес во јужна Франција, објави Ле Монд.
Претходно, Данска соопшти дека ќе го засили своето воено присуство во Гренланд „од денес, распоредувајќи капацитети и единици поврзани со активностите на вежбата“.
Европски воен персонал денес треба да почне да пристигнува во Гренланд, кратко откако состанокот меѓу американските, данските и гренландските претставници во Вашингтон не успеа да го реши „фундаменталното несогласување“ околу богатиот со минерали, стратешки арктички остров.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано најавува дека ќе ја преземе контролата врз автономната данска територија, тврдејќи дека е од витално значење за безбедноста на САД.
„Се очекува војниците на НАТО да бидат поприсутни во Гренланд од денес и во наредните денови. Се очекува да има повеќе воени летови и бродови“, изјави заменик-премиерот на Гренланд, Муте Егеде, на прес-конференција во среда, додавајќи дека тие ќе „обучуваат“. „Првиот француски воен персонал веќе е на пат. Ќе следат и други“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на X.
Распоредувањето на извидувачки тим од 13 припадници на Бундесверот во Нук од четврток беше на покана на Данска, соопшти германското министерство за одбрана, додавајќи дека ќе трае од четврток до недела.
Распоредувањето беше објавено истиот ден кога министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд се сретнаа со потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон.
„НЕ УСПЕАВМЕ ДА ГО ПРЕДОМИСЛИМЕ ТРАМП“
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, зборувајќи по напуштањето на Белата куќа, рече дека преземањето на Гренланд од страна на САД „апсолутно не е потребно“.
„Не успеавме да ја промениме американската позиција“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен за новинарите по состанокот. „Јасно е дека претседателот има желба да го освои Гренланд.“
„Затоа сè уште имаме фундаментално несогласување, но исто така се согласуваме дека не се согласуваме“.
Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивијан Мотцфелд, се надеваа дека нивната средба со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс ќе ги ублажи растечките тензии околу судбината на Гренланд.
Но, состанокот не успеа да ги реши клучните несогласувања. Наместо тоа, официјалните лица ја објавија својата намера да формираат работна група која ќе продолжи да се справува со загриженоста за контролата врз Гренланд и безбедноста во арктичкиот регион.
„Групата, според нас, треба да се фокусира на тоа како да се справи со американските безбедносни загрижености, а во исто време да ги почитува црвените линии на Кралството Данска“, рече Расмусен.
Трамп, зборувајќи по состанокот на кој не присуствуваше, за прв пат звучеше помирувачки за Гренланд, признавајќи ги интересите на Данска дури и ако повторно рече дека не исклучува никакви опции. „Имам многу добри односи со Данска и ќе видиме како ќе се одвива сето тоа. Мислам дека нешто ќе се реши“, рече Трамп без дополнително објаснување. Тој повторно рече дека Данска е немоќна ако Русија или Кина сакаат да го окупираат Гренланд, но додаде: „Има што можеме да направиме“.
Трамп се чини охрабрен во врска со Гренланд откако нареди смртоносен напад на 3 јануари во Венецуела, со кој беше отстранет претседателот Николас Мадуро.
Американскиот претседател според многу аналитичари, станал буквално опседнат со превземањето на Гренланд, најголемиот остров на светот, кој е дел од територијата на Данска, со статус на автономна територија, образложувајќи го тоа со стратешката потреба на САД за воена одбрана на својата територија. Арктичкиот остров под својата ледена капа крие непроценливи рудни богатства, кои досега не биле експлоатирани.
(Фото: Нуук, Historica GL – Own work, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








