Во разговорот за вештачката интелигенција, Наташа Божиновска Миркова во оваа епизода на New Biz Podcast открива како ги доживува промените што таа ги носи во комуникациската индустрија. Таа зборува за предизвиците, но и за можностите, нагласувајќи дека технологијата е алатка, а креативноста останува човечка предност.
На прашањето како гледа на трансформацијата што ја носи вештачката интелигенција, Наташа Божиновска Миркова вели: „Јас сум човек кому му е тешко да прифаќа промени. Дури и кога треба да земам нов телефон, ми е комплицирано – префрлање податоци, нови поставки, не дека не знам, туку полесно ми е да останам на старото. Така сум по природа. Но кога станува збор за промените што се случуваат во индустријата, тие не ми се проблем, само ми треба време да ги апсолвирам и да сфатам кон што треба да се движам – најпрво за себе како човек, а потоа и за професионалниот пат. Она што е јасно е дека начинот на работа се менува, и ние мораме да учиме и да се адаптираме на технологијата. Вештачката интелигенција денес е тема насекаде и дел од нашето секојдневие. Но од самиот почеток велам, и сè уште стојам на тој став, таа никогаш нема да може да ја замени нашата креативност. Тоа е моментот кој ние го контролираме,“ вели Наташа Божиновска Миркова.
Божиновска Миркова објаснува дека вештачката интелигенција треба да се гледа како алатка што ќе помогне во работата, за луѓето да можат да се посветат на креативниот дел што мора да доаѓа од нив. Таа нагласува дека АИ не може да ја замени длабочината на искуството и познавањето на клиентите. Кога работиш со некого со години, веќе ја знаеш стратегијата, очекувањата, карактерот на луѓето кои одлучуваат, па дури и корпоративните барања.
„Никаков алгоритам, колку и да е напреден, не може да даде таков одговор – затоа што тој креативен инпут доаѓа само од личното искуство и познавање. Мислам дека е погрешно 100% да се потпираме на алатки како ChatGPT. Тоа е поддршка за нас, но не и замена. Тука е и предизвикот – тимовите да го разберат тоа, затоа што не сакаме да се доведеме во ситуација клиент да ни каже: ‘Ова е строго ChatGPT’, како што веќе има многу примери,“ вели таа.
„И самата индустрија претрпува промени. Клиентите веќе не очекуваат само да отидеме на состанок и да им кажеме кои услуги ги нудиме. Сега на нас е да смислиме што е добро за нив – дури и кога тие самите не знаат дека тоа им е потребно. Тоа е нашата креативна задача,“ објаснува Наташа.
Таа додава дека токму тука се гледа трансформативниот процес во комуникациите: „Ни треба концепт. Јас како агенција треба да ти кажам: ова може да биде cherry on the top во твојата комуникација. Ти како клиент си тој што ќе го одобриш или одбиеш, но не е твоја работа да го смислуваш тоа. Фокусот е на нас, како агенција.“
На прашањето кој проект би го издвојала како најзначаен, Божиновска Миркова без двоумење го посочува петтиот роденден на Represent Македонија.
„Тоа беше момент со кој сум исклучително горда. Сакавме да направиме настан, но прашањето беше како ќе го изведеме со ограничен буџет и вистинска креативност. Тогаш се поврзавме со Сојузот на глуви лица на Македонија и заедно адаптиравме една од најгледаните претстави на МНТ на знаковен јазик. Тоа беше првпат такво нешто да се изведе во Македонија,“ раскажува таа.
На настанот биле најавени 65 посетители, но дошле повеќе од 150 – цели семејства, родители, деца, баби и дедовци. „За првпат влегоа во театар и ја почувствуваа магијата на сцената. Тој момент беше толку емотивен и силен што и денес со истата емоција зборувам за него,“ додава Наташа.
Таа признава дека тогаш верувала дека ќе се отвораат уште многу вакви иницијативи. „За жал, не гледам многу. Сите знаеме да направиме забава со бенд и музика, но поентата е да се создаде нешто што носи општо добро. Мојата желба отсекогаш била таква,“ истакнува таа.
За останатите проекти и клиенти додава дека ги имало многу и ќе ги има уште повеќе, но овој останува најемотивниот и најубав спомен.
За каква е визија во иднина таа вели дека нивната визија е да се движат полека и органски. „Од самиот почеток тоа беше мојот став – работите треба природно да се развиваат. Сè што е наметнато или вештачко има голема веројатност во еден момент да ‘пукне’. Органскиот пат има свои предизвици, но ти дава сигурност и стабилност. Затоа дефинитивно – не би брзале,“ вели Наташа Божиновска Миркова.
„И јас лично, и целиот тим веруваме во тоа што го работиме. Ја сакаме нашата работа, иако има потешкотии, падови и подеми, знаеме дека плодовите се наши. Затоа за нас клучно е развојот, гледањето на големата слика и користењето на сите алатки што ни се нудат. Но, за тоа мораме постојано да се едуцираме – затоа што учењето е секогаш во мода,“ го завршува разговорот на овој поткаст Божиновска Миркова.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast