Во текот на изминатата 2023 година експертите од Народната банка за брзо воочување на сомнителните примероци пари во оптек обучија над 200 вработени од деловните банки и центрите за готовина, но и вработени во институциите во системот за справување со фалсификувањето пари. Најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата кои вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите. Оттука, со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка.
Низ годините, експертите од Народната банка организираат редовни задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути, за вработените во финансиските институции, односно во банките и центрите за готовина. Зајакнувајќи ги капацитетите на институциите, како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка ги прошири обуките опфаќајќи и претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција.
Како единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и во странски валути, централната банка врши и експертска анализа и обезбедува соодветна поддршка во процесот на справување со фалсификатите. Во изминатиов период, засилено се вршеше и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари.