ПОВЕЌЕ

    Најголемите 1.000 банки во светот управуваат со 164 трилиони долари

    Време зa читање: 3 минути

    Најголемите 1.000 банки во светот имаат 164 трилиони долари вкупна актива. Располагаат со 103 трилиони долари депозити. Одобриле и исплатиле нето износ од 83 трилиони долари кредити. Оствариле нето-профит од 1,33 трилиони долари во финансиската 2024 година. Најголемата банка – ICBC од Кина има приходи од 6,689 милијарди долари и добивка од 51 милијарда долари.

    Бројките се од TAB Global 1000 за 2025 година, произлезени од евалуацијата на најголемите илјада банки во светот, базирана врз ланските финансиски извештаи и со пресек на податоците на 31 март годинава. Како што е наведено, опфатени се банките од 100 држави, територии и специјални административни региони: 432 од Азија-Пацифик, 223 од Европа, 155 од Северна Америка, 84 од Латинска Америка и Кариби, 64 од Блискиот Исток, 34 од Африка и 8 од Централна Азија. На листата има банки и од нашиот регион, од Грција, Хрватска, Романија, Бугарија, Албанија.

    Извор: TAB Global 1000

    „Вкупниот раст на билансите во Азија-Пацифик и Северна Америка се забавил поради слаба побарувачка за кредити, претпазливо кредитирање и регулаторна дисциплина. Од друга страна, европските банки забележале умерено заживување, додека банките на Блискиот Исток имале забрзана експанзија, поттикната од владини инвестициски проекти“, се наведува во извештајот.

    Меѓу десетте најголеми, четири банки се од Кина, и позиционирани се на првите четири позиции. Две се од американскиот континент, три од Европа (две француски и една британска) и една од Јапонија.

    Од нашето поблиско и подалечно опкружување, најголемата грчка Eurobank е на 217. место со приходи од 104,7 милијарди евра и профит од 1,6 милијарди евра. Најголемата романска Banca Transilvania (428) има приходи од 43,09 милијарди евра и профит 1,02 милијарди евра. Резултатите на словенечката Nova Ljubljanska Banka (534) се 29,02 милијарди приход и 574 милиони евра добивка. Хрватската Zagrebacka banka (555) имала приходи од 26,86 милијарди и 602 милиони евра профит. Бугарската United Bulgarian Bank (641) е со 19,88 милијарди приход и профит од 273 милиони евра. Единствената рангирана албанска Banka Kombetare Tregtare е на 978. позиција со приходи 6,8 милијарди и добивка од 122 милиони евра.

    Македонија нема свој претставник меѓу најголемите илјада банки. Затоа, има стабилен банкарски сектор, со последни заеднички резултати (трет квартал 2025): депозитна база од 10,2 милијарди евра; бруто-кредити од 8,7 милијарди евра; нето-добивка од 235,1 милион евра; актива од 14,3 милијарди евра.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично