ПОВЕЌЕ

    НАЈЕВТИНА КОШНИЧКА, НО И НАЈТЕНОК ЏЕБ – МАКЕДOНСКИ ПАРАДОКС: Зошто Македонија не е Швајцарија?

    Време зa читање: 4 минути

    Иако на прв поглед пониските цени на храната звучат како олеснување за семејниот буџет, реалноста во многу европски земји покажува поинаква слика. Храната и понатаму останува еден од најголемите трошоци за домаќинствата, а товарот што го носи нејзината цена не е ист за сите. Најновите податоци на Евростат откриваат длабоки разлики меѓу земјите, но и еден податок што особено се издвојува, Македонија е најевтината земја за храна во цела Европа.

    Во просек, европските домаќинства трошат околу 11,9% од својот буџет за храна, но во земји како Романија тој удел достигнува и до 20%. Токму затоа цените на храната се клучен фактор за животниот стандард. Евростат ги споредува цените преку индекс на ниво на цени, каде што просечната кошничка за храна во Европската Унија е поставена на вредност 100. Сè што е над таа бројка значи поскапа храна од европскиот просек, а под неа – поевтина.

    Според овие податоци, во 2024 година Македонија се најде на самиот врв како најевтина земја за храна меѓу 36 европски држави. Стандардната кошничка кај нас чинела 73 евра, што е дури 27% поевтино од просекот на Европската Унија. Овој резултат ја става Македонија пред сите земји од ЕУ, но и пред државите од регионот и пошироко.

    На спротивниот крај од скалата се наоѓа Швајцарија, која убедливо е најскапата земја за храна во Европа. Таму истата кошничка чини 161,1 евра, што значи дека цените се за 61,1% повисоки од просекот на ЕУ.

    Важно е да се има предвид дека оваа споредба не ја прикажува целокупната економска слика и стандардот на живеење меѓу земјите. Храната може да е поевтина, но куповната моќ на граѓаните значително варира од една до друга економија.

    Просечната месечна нето плата во Македонија изнесува околу 45.466 денари, што е 740 евра. Во споредба со тоа, во Швајцарија просечните приходи се многу повисоки различни извори укажуваат дека просечната месечна нето плата таму е околу 5.500 евра месечно. Ова значи дека во Швајцарија заработките можат да бидат повеќе од 7–8 пати повисоки отколку во Македонија.

    По Швајцарија следуваат уште две земји од Европската асоцијација за слободна трговија- Исланд со 146,3 евра и Норвешка со 130,6 евра. Иако овие земји не се членки на ЕУ, тие соработуваат со блокот преку трговски договори, но задржуваат високо ниво на национална контрола, што често се одразува и на цените.

    Во рамките на Европската Унија, Романија е најевтината земја за храна со кошничка од 74,6 евра, што е за 25,4% поевтино од просекот. Наспроти тоа, Луксембург е најскап со 125,7 евра, односно 25,7% над европскиот просек. Цените се значително повисоки и во Данска, Ирска, Франција, Австрија и Малта, каде храната чини најмалку 10% повеќе од просекот на ЕУ.

    Југоисточна Европа и Западен Балкан во целина се региони со најниски цени на храна. Покрај Македонија и Романија, под европскиот просек се и Турција со 75,7 евра, Босна и Херцеговина со 82,5 евра, Црна Гора со 82,6 евра и Бугарија со 87,1 евра. Србија со 95,7 евра и Албанија со 98,7 евра исто така се поевтини од просекот на ЕУ. Кај најголемите економии во Унијата, Германија и Италија се малку над просекот, додека Шпанија е за 5,4% поевтина.

    Експертите посочуваат дека зад овие разлики стојат повеќе фактори. Според Иларија Бенедети од Универзитетот во Тушија, клучна улога имаат трошоците за производство, интеграцијата на синџирите на снабдување и изложеноста на глобални шокови, како пандемијата и војната во Украина. Помалите и поотворени економии, особено оние со нестабилни валути, почувствувале посилно пренесување на зголемените трошоци за енергија и земјоделски инпути.

    Алан Метјуз од колеџот „Тринити“ во Даблин нагласува дека најважната причина за високите цени се разликите во платите и приходите. Земјите со високи плати, како Данска и Швајцарија, имаат и повисоки цени на храната бидејќи трошоците за работна сила се пренесуваат на потрошувачите. Дополнително, улога игра и даночната политика, особено стапките на ДДВ, кои во некои земји се пониски или нулта, а во други, како Данска, се применува стандардна стапка.

    Според ова, иако цените на храната се пониски во Македонија, разликите во платите и општиот стандард на живеење прават дека не може директно да се споредуваат животните услови со земји како Швајцарија. Во богатите земји повисоките плати ги поддржуваат и повисоките животни трошоци, вклучително и за домување, услуги и други основни потреби, што ги прави економските реалности на двете земји многу различни

    Во земјите со пониски приходи, храната зазема поголем дел од месечните расходи, што значи дека и малите поскапувања имаат многу потешки последици.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично