Влоговите се зголемени за 11,5, а кредитното задолжување за 6,5 проценти на годишна основа, при што во растот поголемо е влијанието на домаќинствата во однос на корпоративниот сектор
Вкупните депозити во јуни се во износ од 8,2 милијарди евра, односно зголемени се за 11,5 насто. Кредитите, чија вкупна сума е седум милијарди евра, се повисоки за 6,5 насто. Процентите се на годишно ниво, при што и во двата случаи растот се темели на движењата и кај корпоративниот и кај секторот домаќинства. Со тоа што поголем е уделот на граѓаните. На месечна основа растот на депозитите е 1,2 проценти, додека кај кредитите е 1,1 насто, покажуваат последните податоци на Народната банка за монетарните движења во јуни.
Во текот на тој месец паричната маса се зголемила за 0,9 проценти, каде што најголемо е влијанието на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек. Годишниот раст, пак, изнесува 10 насто.
Корпоративен сектор – Вкупните депозити изнесуваат 146,947 милиони денари или 2,4 милијарди евра. Во јуни се со раст од 1,3 насто во однос на мај. Промената најмногу се должи на зголемувањето на краткорочните и долгорочните депозити во денари, но и натаму имаат придонес и депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута. На годишна основа депозитите се повисоки за 19,7 проценти.
Кај кредитите месечниот раст е 1,2 насто. Тоа произлегува од повеќето кредити одобрени и во денари и во девизи, но предничат оние во домашна валута. Споредено со состојбата од пред една година, кредитите се зголемени за 6,5 проценти, но тука се поизразени задолжувањата во странска валута. Инаку, овој сектор е задолжен со 209,650 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра.
Население – Депозитите на домаќинствата изнесуваат 334,797 милиони денари. Тоа е противвредност на 5,4 милијарди евра. Јунското зголемување е за 1,2 насто. Според објаснувањето од Народната банка, во најголем дел под влијание на растот на „депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута и во денари, при помало зголемување и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад“. Годишната стапка на раст од 8,8 проценти целосно произлегува од „зголемувањето на депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити“.
Што се однесува до задолжувањето, вкупниот износ е 222,303 милиони денари или 3,6 милијарди евра. И тука движењата се по нагорна линија – 0,9 на месечна и 6,4 проценти на годишна основа. Анализирано според валутната структура, доминираат кредитите во странска валута.
Според намената, пак, податоците на Народната банка покажуваат дека во јуни, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити – растот е 1,1, односно 1,4 насто, а годишно за 6,2 и 11,3 проценти, соодветно.
Задолжувањето за купување автомобил е со месечно и годишно зголемување од 4,4 и 8,6 проценти.
А, кредитите одобрени на кредитните картички, повторно како и во претходните месеци, бележат намалување на месечно и на годишно. Овојпат за 0,1 и 1,3 отсто.
Во јуни, кај негативните салда на тековните сметки и кај кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 4,1 и 4,2 проценти, соодветно, при годишно намалување од 2,6 и 17,9 отсто.