ПОВЕЌЕ

    НАД 121 МИЛИОН ГРАЃАНИ НА ЕУ НЕ МОЖАТ ДА СИ ДОЗВОЛАТ ЕДНОНЕДЕЛЕН ОДМОР, на врвот на листата се и Македонците

    Време зa читање: 3 минути

    Во време кога патувањето станува синоним за квалитетен живот и ментален одмор, речиси секој четврти граѓанин на Европската Унија сè уште не може да си го дозволи тоа задоволство. Новите податоци на Евростат откриваат дека 27% од жителите на ЕУ на возраст од 16 години и постари не можеле да си дозволат ниту една недела одмор надвор од дома во текот на 2024 година. Иако оваа бројка претставува благ напредок – намалување за 1,5 процентни поени во споредба со 2023 година – сепак ја осветлува длабоката економска нееднаквост која и понатаму го одредува ритамот на животот во различни делови од Европа.

    Кога бројките ќе се преточат во луѓе, станува јасно дека околу 121,3 милиони Европејци живеат во услови што не дозволуваат ниту скромен, еднонеделен одмор. Тоа е 27% од вкупното население на Унијата, кое брои над 499 милиони жители. И покрај тоа што генералниот тренд е во подобрување – во 2014 година овој процент изнесувал високи 37,6% – нееднаквоста меѓу земјите-членки останува фрапантна.

    Најпогодени се граѓаните Црна Гора – 64% од граѓаните не можат да си дозволат летување од една недела, потоа Романија – 58,6% од населението не можат да си дозволат седум дена одмор далеку од дома. Меѓу последните е и Македонија, со со 55,7 отсто, па следуваат Грција со 46% и Бугарија со 41,4%, што ги става овие земји на самиот врв на рангирањето по економска ранливост во однос на можностите за одмор. Од друга страна, Луксембург се издвојува како позитивен пример, со само 8,9% од граѓаните кои пријавиле финансиска неможност за годишен одмор, а по него се Шведска со 11,6% и Холандија со 13%.

    Италија, иако технички не е меѓу трите најпогодени земји според проценти, сепак привлекува особено внимание поради апсолутната бројка: 31,4% од Италијанците, односно повеќе од 18,5 милиони луѓе, не можеле да си дозволат еднонеделен одмор во 2024 година. Оваа бројка ја става Италија на врвот според вкупен број засегнати граѓани, далеку над просекот на ЕУ. Германија бележи 17,3 милиони луѓе во слична ситуација, Шпанија 16,2 милиони, а Франција нешто повеќе од 15 милиони – што значи дека и најголемите економии на Унијата не се имуни на овој облик на социјално ограничување.

    Важно е да се напомене дека овие податоци не се поврзани само со работната сиромаштија или со невработеноста. Тие опфаќаат и луѓе кои имаат работа, но не заработуваат доволно за да си дозволат нешто толку основно како една недела одмор. Ова покажува дека проблемот е подлабок и посложен отколку што го прикажуваат „голите“ бројки – и дека борбата за економска стабилност и достоинствен живот сè уште е далеку од завршена.

    И додека некои земји бележат напредок, европската реалност останува поделена меѓу оние што пакуваат куфери и оние што ги бројат деновите до подобри времиња.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично