
НЕФОРМАЛНИОТ СЕКТОР ТЕШКО СЕ ТОПИ
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека низ годините неформалниот сектор бавно се топи. Најраните податоци што се наоѓаат на базата МАКСТАТ се за првиот квартал од 2017 година, а тогаш во неформалниот сектор имало 112.400 вработени, или 11.781 вработени помалку отколку во третиот квартал годинава. Во проценти, тоа е за 10,5 насто помалку.
Податоците покажуваат извесна промена во структурата на неформалниот сектор. Непријавен може да биде и самиот работодавач. Во 2017 година такви немало, но сега има 2.648. Низ годините, растел бројот на вработените во сивата зона, а се намалувал бројот на оние што работат за сопствена сметка, или како неплатен семеен работник.
Извор: Државен завод за статистика
ШТО Е СО ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ СТОПАНСТВА И СО ГРАДЕЖНИШТВОТО?
Во првиот квартал од 2017 година имало дури 70.206 неформално вработени во секторот земјоделство, шумарство и рибарство. Тоа е 62,5 насто од сите неформално вработени во тој период. Сега, во третиот квартал од 2025 година има 49.059, односно 48,8 насто.
Едната причина е централна и очигледна: се намалува бројот на оние кои се занимаваат со земјоделство. Тоа може да се должи на иселување или вработување во приватниот сектор. Другата причина е регистрирањето на земјоделците што автоматски значи нивно формализирање, а поради субвенции и други поволности што може да ги добијат од државата.
Во градежништвото, пак, бројката расте! Од 12.288 во 2017 година на 17.793 сега. Ако се размислува на тема градежништво и овде сами се наметнуваат тезите дека тоа е експанзивна дејност каде веројатно наоѓаат прибежиште оние што се кријат од извршители, оние што не сакаат да изгубат социјална помош.
Податоците покажуваат и дека една речиси константна бројка од околу 7.000 луѓе се неформално вработени во трговијата, а во преработувачката индустрија бројката се движи околу 3.500. Раст има во секторот други услужни дејности – од 2.487 на 3.396, како и во дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата што произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби – од 1.648 на 3.017.
Извор: Државен завод за статистика
Од податоците може да се види и дека во секторот снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината во 2017 година имало неформално вработени, но сега ги нема. Но затоа се појавиле нови сектори со неформално вработени: административни и помошни услужни дејности, како и уметност, забава и рекреација.
Во другите дејности што не се споменати во табелата нема неформално вработени, ниту во 2017 година, ниту сега.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








