ПОВЕЌЕ

    САМО 0,8 ОТСТО ОД ПЕНЗИОНЕРИТЕ ИМААТ ПОЛН ЏЕБ ПАРИ – Утре започнува исплата на декемвриските пензии

    Време зa читање: 6 минути

    Утре на третиот ден од почетокот на Новата година, пензионерите ќе ја добијат декемвриската пензија. Привилегијата, празниците да ги минат со пари, ја имаа само оние со сметки во Комерцијална и во Халк банка, кои предвремено ги исплатија пензионерските примања. Претходно, околу 187 илјади пензионери ја добија помошта предвидена со последниот антикризен пакет, која че им се исплаќа во петмесечен период, за што се обезбедени 35 милиони евра буџетски средства. Оваа поткрепа е наменета за корисниците на ниски пензии. Целта е да им се олесни животот и да се одржи на пристојно ниво пензионерскиот стандард, според власта, односно предизборно „купување“ гласови, според опозицијата. Пензионерите, колку и да се противат и да тврдат дека мерката е понижувачка, (ќе) ги имаат тие пари на своите сметки. Што не ги спречува и натаму да опстојуваат на барањата за линеарано зголемување од пет илјади денари и минимална пензија од 18 илјади денари.

    Според планот, заклучно со април по 3.000 денари им следуваат на корисниците на пензии во висина до 14.000 денари; по 2.000 за примања до 16.000; и по 1.500 денари за оние кои имаат пензија до 19.000 денари.

    Во текот на минатата година, со двете усогласувања – на први март и на први септември, пензиите се придвижија за 8,40 и 5,30 насто. За ова премиерот често посочува „растат пензиите“, а за егзистецијалната грижа за највозрасната популација вели „со антикризните мерки обезбедуваме петмесечна поддршка, воведовме социјална пензија, подготвуваме и закон за минимална пензија“. И, како што одвреме навреме потсетува: „Со новата Методологија осигуравме постојан раст на пензиите и тоа веќе дава резултати. Просечната пензија денес изнесува  20.100 денари, што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. А, минималната пензија е 13.150 денари, што е за 4.300 денари повеќе во однос на 2016 година“.

    Секој пензионер си ја знае „должината на чергата“ и колкава комоција му обезбедува во текот на месецот.

    Статистиките, пак, на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за ноември кажуваат дека во земјава има 335.343 пензионери. Меѓу нив – 85.959 се корисници на најниските законски утврдени пензии, а само 74 на највисоката која надминува 70 илјадарки.

    Просечната пензија е 20.208 денари. Во тие рамки, просекот на семејната пензија е 15.919 денари, на инвалидската – 17.923, на старосната – 21.793, на земјоделската – 10.416 и на воената – 28.444 денари.

    По групите на исплата, во структурата со 34,85 проценти доминираат месечните примања од 12.529 до 16.058 денари, кои им следуваат на 116.859 лица. Потоа доаѓаат пензиите во распон од 20.176 до 31.859 денари користени од 93.824 пензионери (27,98%). Наспроти овие две групи се  2.672 лица, чиј активен работен стаж минал со високи плати и соодветно уплатени придонеси. Нивните пензии се над прагот од 54.588 денари, а во структурата зафаќаат само 0,8 проценти.

    Највисоките примања од 73.503 денари ги имаат 74 лица. По основ на старосно стекната пензија 71, двајца ги добиваат овие пари како семејна, а еден пензионер како инвалидска пензија.

    Најниските пензии зависат од периодот кога е остварено правото за пензионирање.

    Тие што заминале во пензија до 31.12.1996 се вкупно 8.419. Во првата група се 961 лице (11,41%) со пензии од 16.058 денари; втората брои 2.036 (24,18%) со 15.739 денари; а третата 5.422 лица (64,40%) кои примаат 15.331 денар.

    Со остварено право од 1.1.1997 се 3.619 пензионери: во првата група 311 лица (8,59%) со примања од 13.982 денари; втората е со 721 лице (19,92%) и 13.255 денари, а трета е сочинета од 2.587 (71,48%) кои месецот го врзуваат со 12.528 денари.

    А, пак, 73.921 граѓанин кои заминале во пензија од 1.1.2002 се распоредени во прва група 6.572 (8,89%) со 14.680 денари, во втора група 18.661 (25,24%) со 13.918 и во трета група 48.688 лица (65,86%) со 13.155 денари.

    Податоците од ПИОМ кажуваат дека во претпоследниот месец од 2023 се евидентирани 1.336 нови пензионери, од кои 1.336 мажи и 666 жени. Темната статистика вели дека во текот на ноември починале 963 пензионери и 274 пензионерки, вкупно 1.237.

    Што се однесува до членарината, во ноември ја платиле 319.295 лица, а кај Сојузот на здруженијата на пензионери легнале 9.667.620 денари, или речиси 156,9 илјади евра. А, од ланскиот јануари се инкасирани вкупно 105.537.780 денари, односно 1,7 милиони евра.

    Од солидарниот фонд во номеври е одговорено на 882 барања од семејствата на починати пензионери, за што се исплтаени 26.460.000 денари (429,3 илјади евра). Од почетокот на годината и заклучно со единаесеттиот месец вкупната исплата е во износ од 426.780.000 денари (6,9 милиони евра), односно 14.226 семејства го примиле надоместот од по 30 илјади денари.

    Пензискиот фонд со години наназад е во криза, се сочува со кусок средства за намирување на реалните потреби, што редовно се надополнува од државната каса. Само како пример – во 2019 година буџетското зафаќање за пензиите било во износ од 56,320 милиони денари (913,93 милиони евра); годинава, заедно со одлуката за зголемување е 77,747 милиони денари (1,26 милијарди евра); за 2024 износот е зголемен за 11,5 насто – на 83,634 милиони денари (1,35 милијарди евра). Оттаму и предупредувањата дека овој систем не смее да се преоптоварува со неумерени зголемувања, бидејќи е во опасност сосема да крахира. Сериозна закана за тоа е и масовното иселување на младата работна сила, со што дополнително се влијае на и онака слабиот капацитет на пензискиот систем.

    новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично