Прво здравје, па сѐ друго… е можеби најприсутната реченица што се слуша и во секојдневната комуникација и во разни весели, па и тажни пригоди. И покрај честата употреба не е обична фраза, туку голема вистина поткрепена со фактот – ниту најголемото богатство не е доволно за да го спаси животот на човек со тешко нарушено здравје. Од каде што произлегува и добро познатото – подобро да се спречи, отколку да се лечи.
По таа логика веројатно се раководат и македонските граѓани. Превентивно или за лекување, минатата година потрошиле околу 193 милиони евра. И тоа, само во десетте најголеми аптекарски компании во државата, што значи дека во зачувувањето на доброто здравје се вложени уште повеќе пари. Но, и оваа сума укажува на значајна потрошувачка насочена кон здравствените производи и услуги, лековите, додатоците во исхраната, козметика, органска храна, медицински помагала…
Анализата на порталот Пари, во која се користени податоците од БизнисМрежа, опфаќа 10 аптекарски фирми, кои се на врвот според приходот и добивката. Споредбата е направена со резултатите од претходната 2023 година, и ги покажува трендовите и перформансите во една од најдинамичните малопродажни дејности. Дел од компаниите бележат раст од над 40 проценти во приходите, додека добивките кај некои играчи се повеќекратно зголемени.
Приходи од три до 66,1 милион евра
Широкораспространетата мрежа од аптеки и највисоката плата, како дел од доброто управување и стратегијата за развој, се главните адути на Зегин Фарм. Компанијата основана во 1989 година, во оваа дејност има убедлива предност пред другите во однос на реализираните приливи. Зегин лани остварил приход од 66,1 милион евра, што, пак, потврдува дека и натаму е највпечатливиот бренд на овој дел од пазарот. А, како што самите за себе велат: „заслужено го носиме епитетот фармацевтски бисер на Македонија”.
Искуството на семејството Механџиски (Зегин) во областа на фармацијата се рефлектира и во солидното работење на Моја аптека. Прометот од 49,4 милиони евра ѝ обезбеди второ место на табелата.
Извор: Бизнис Мрежа
Висок приход од 46,6 милиони евра бележи Еурофарм од Битола. Аптеките што го носат ова лого се распоредени во градовите низ државата. Достапни се до голем број граѓани и во изминативе 25 години изградија препознатлив и силен фармацевтски бренд.
Оттука па натаму, на листата се забележуваат значително пониски приходи. Без оглед што износите се милионски.
Прометот на Виа фарм Вевчани остварен од минатогодишното работење е 6,7 милиони евра милиони евра. И, за скоро 41 насто е повисок од 2023 година. Резултатот доаѓа од 18-те аптеки на вевчанскиот фармацевтски синџир распоредени во струшко-охридскиот регион.
Виола е еден од најголемите синџири на аптеки во Скопје, со повеќе од 15 локации низ градот. Минатата година забележала приход од 5,8 милиони евра. Мента фарм, пак, со неколкуте аптеки ја покрива територијата на Прилеп и лани приходувала 4,2 милиони евра.
Со пад на прометот единствено се соочиле во Жива фарм од Велес, која на подрачјето на градот има неколку аптеки. Намалувањето од 15 отсто, може да е последица од локалниот пазарен притисок или на преструктурирање. Сепак, во оваа десетка нема приход понизок од три милиони евра.
Само една аптека со профит од милиони евра
Ако приходите говорат за обемот на пазарната активност, добивката открива кои компании навистина успеваат да создадат одржлива вредност. Анализата покажува дека големината не е секогаш гаранција за профитабилност. Заедничкиот лански профит на десетте аптеки е 4,7 милиони евра. Резултат, за 46,88 проценти подобар од ланскиот и тогашните 3,2 милиони евра.
Моја аптека е профитниот шампион – не само што бележи највисока добивка, туку има и силна маржа: добивката е 4,9 проценти од приходите. Оваа аптека заработила 2,4 милиони евра и има раст од 66 насто во однос на 2023 година.
Воедно, таа е единствената аптека која зборува за милиони. Сите други профитот го мерат во илјади евра. Иако првите две рангирани се аптеки од исто семејство, разликата меѓу добивките е високи 425,6 проценти.
Повторно Зегин, како и претходните години, и покрај највисоките приходи има далеку пониска добивка. Само 0,69 отсто од приходите. Зегин пријавил профит од 456,6 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Третото позиција, според добивката, им припаѓа на вевчанци. Аптеката Виа фарм ја заокружила 2024 година со профит од 366,8 илјади евра.
Интересни се и трендовите кај Виола и Алпи фарм. Првата има зголемување од 89 насто во однос на претходната година. А, втората, со своите аптеки присутна во Скопје, но и во Кочани, Прилеп… ја зголемила добивката за 143 насто, иако работи со приходи од само 4,5 милиони евра. Тоа и го обезбедува последното место во топ 10. Притоа, разликата меѓу профитот од првата и десетата позиција е големи 1.470,4 проценти.
Овие примери покажуваат дека добро водени, фокусирани аптеки може да бидат многу ефикасни и профитабилни како и поголемите синџири.
Од друга страна, единствената компанија со пад на добивката е Бле-Медика од Тетово, која бележи негативна промена од скоро пет проценти. Сепак, се наоѓа во првата петорка, со заработката од 310,3 илјади евра.
Иако составот на двете ранг-листи не е сосема ист, споредбата на вкупните приходи (193 милиони евра) со вкупната добивка (4,7 милиони евра) претпоставува дека нето-профитната маржа е околу 2,43 проценти. Или, ниска профитабилност за ваков вид бизнис. Сепак, сите овие аптеки, со различните нивоа на присуство и достапност, имаат значајна улога во обезбедувањето на фармацевтските услуги. А, малопродажбата преку аптеки, каде што конкуренцијата е сѐ поизразена, е еден од најстабилните и најдинамичните сегменти во македонската економија.
Катерина Михајлова