Инспекциски тимови на терен ќе извршуваат брзи, но детални анализи на горивата што се во употреба, со што ќе се утврдува и гарантира нивниот квалитет. Освен редовните, ќе има и вонредни проверки. За неквалитетните горива нема место на македонскиот пазар – е пораката што државата ја упатува со договорот за соработка меѓу Државниот пазарен инспекторат и Бирото за метрологија, во чија лабораторија ќе се тестира квалитетот на течните горива.
Потписници на договорот се директорите Влатко Стојкоски од ДПИ и Седад Рушани од Бирото за метрологија. Соработката е формализирана во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со што ја формализираа соработката насочена кон е постигнат под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Целта е преку зголемена контрола и транспарентност во обезбедувањето квалитетни течни горива, да се обезбеди поголема сигурност за потрошувачите.
„Со овој потег, државата праќа јасна порака: неквалитетните горива немаат место на македонскиот пазар. Потрошувачите добиваат квалитет и сигурност, додека институциите покажуваат дека се посветени на повисоки стандарди и подобра заштита на јавниот интерес“, истакна Божиновска.
Во изминатите пет години, и покрај склучените договори за соработка, реализирани се незначителен број анализи, а со овој договор се предвидува драстично зголемување на обемот на инспекциските проверки. Инспекциските тимови ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање согласно однапред дефинирани годишни планови, но и за вонредни инспекции.
„Според планот за 2025 година, кој е составен дел од договорот, ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди“, посочи Стојкоски.
На располагање е и мобилната и фиксната лабораторија.
„Бирото за метрологија ја става својата лабораторија – мобилна и фиксна – во служба на инспекциските тимови. Лабораторијата е акредитирана за 26 методи на тестирање и ќе овозможи брзи и прецизни анализи на квалитетот на горивата директно на терен“, вели Рушани.