На теренот се бројат головите, но надвор од него – еврата. Македонските ракометни клубови годинава одиграа свое мало финансиско дерби: некои погодија во мрежата со рекордни приходи, други примија гол од трошоци што ги извадија од игра. Кој е шампион по приходи, а кој изненади со добивка?
Според податоците од Бизнис Мрежа што ги анализираше порталот Пари, вкупно десетте најдобри клуба оствариле 8,1 милиони евра приходи ланската година, добивките се скромни – само 83,4 илјади евра, но сепак повеќе од 2023 година, кога изнесувале 58,3 илјади евра. А целата таа финансиска слика и успехот на клубовите ги водат мал број луѓе ‒ вкупно само 26 вработени.
Остварени приходи од 212 илјади до 1,9 милиони евра
На врвот по приходи во 2024 година е клубот со долга традиција и битолска ракометна гордост ‒ ракометниот клуб Еурофарм Пелистер Битола со 1,9 милиони евра ‒ раст од 19 % во однос на 2023 година. Зад него е Алкалоид Скопје, млад клуб кој за кратко време стана конкурентен во македонската лига и пријавил 1,6 милиони евра приход во 2024 година, со пад од 9,2 % во однос на претходната година. Најтрофејниот македонски клуб, Вардар 1961, кој има освоено и титули во Лигата на шампионите, бележи приход од 1,09 милиони евра, пад од речиси 10 % во однос на преклани.
Големо изненадување е градскиот ракометен клуб Охрид, кој речиси ги удвои приходите ‒ од 537,6 илјади евра во 2023 година на 976,4 илјади евра 2024 година (+81,6 %).
Во средината на табелата се Тиквеш 2014 со 471,6 илјади евра и Прилеп со 287,9 илјади евра, а најниски приходи имаат Еурофарм Пелистер 2 (232 илјади евра) и Бутел Скопје (212,1 илјада евра).
Според податоците, се забележува дека се издвојува големата тројка ‒ Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Вардар – со милионски приходи, наспроти мнозинството клубови што располагаат со приходи мерени во стотици илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Малите клубови изненадуваат со повисоки добивки
Иако клубовите со милионски приходи предводат на таа табела, сепак најголемата добивка ја бележи градскиот ракометен клуб Вардар Неготино ‒ 30,9 илјади евра, со раст од над 2000 % во однос на 2023 година.
Позитивен резултат има и ГРК Охрид со 21,9 илјади евра, што е реткост меѓу клубовите со поголеми буџети. Клубот Прилеп е на третата позиција и бележи 6,1 илјада евра, но тоа е намалување за 60 % од предминатата година, кога профитот изнесувал 15,4 илјади евра.
Од големите, Алкалоид се наоѓа на четвртото место на табелата по добивка ‒ има само 5,1 илјада евра профит, а Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 не се воопшто меѓу најпрофитабилните 10 клубови по добивка.
Ова јасно покажува дека високите приходи не значат автоматски и профит, а помалите клубови успеваат да прикажат поголеми добивки.
Извор: Бизнис Мрежа
Десет клубови – 26 вработени
Најголемиот клуб по вработени е Вардар 1961, кој во 2024 година има осум лица во својот колектив. Зад него е Алкалоид со шест, додека Еурофарм Пелистер, иако лидер по приходи, функционира со скромен тим од само тројца вработени – што е намалување за повеќе од половина во однос на лани.
Поголемиот дел од клубовите имаат речиси симболичен број на вработени: Прилеп, Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2 броеле по двајца, а Охрид, Струга и Пролет 62 едвај по еден. Најдрастичен е примерот со Бутел Скопје, кој останал без ниту еден вработен во 2024 година.
Македонскиот ракомет не е само резултат на табелата, туку и дел од секојдневието и гордоста на навивачите. Токму затоа, без разлика на приходите и добивките, оваа игра секогаш ќе има посебно место во срцето на нацијата.
Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска