ПОВЕЌЕ

    Почна Делфи економскиот форум во Атина, премиерот Заев ќе учествува в четврток

    Време зa читање: 3 минути

    Со над 1.000 учесници од 42 земји, меѓу кои и од Северна Македонија, со 372 сесии на различни теми, од денеска до 15 мај во Атина ќе се одржи шестиот Делфи економски форум, кој оваа година, поради пандемијата, ќе биде во хибриден облик, а само мал дел од учесниците ќе бидат со физичко присуство, јави дописничката на МИА од Атина.

    Согласно официјалната агенда, на панел дискусии ќе учествуваат претседателот на Владата Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

    Учеството на премиерот е закажано за во четврток кога ќе дискутира со уредникот на „Катимерини” Атанасиос Елис, а како што вчера соопштија од Влада, Заев во Атина ќе пристигне заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за економија Крешник Бектеши.

    Претседателот на Владата ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, а на маргините на форумот ќе има одделни средби со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, со поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.

    Вицепремиерот Никола Димитров, исто така во четврток заедно со шефот на кипарската дипломатија Никос Христодулидис, со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтијадис Варвициотис и со универзитетски професори ќе дискутираат за дипломатијата на малите држави, додека пак еден ден подоцна, во петок, Димитров ќе учествува на панел дискусија заедно со ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеји на тема „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долгоочекуваното ветување”.

    Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерман и министерот за енергија и животна средина на Грција Костас Скрекас, на панел дискусија, утре ќе говорат за „Европскиот зелен договор”.

    Оваа година, голем дел од форумот ќе биде посветен на јубилејните 200 години од грчката револуција.

    Економскиот форум Делфи е независна и непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница.

    Целта на Форумот е да претстави реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените и меѓусебно зависни прашања со кои се соочува Грција, Југоисточна Европа и Источниот Медитеран.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично