Инвеститорите од утре ќе може да се тргуваат и со корпоративни обврзници издадени од ТТК банка, а на вложените средства ќе се пресметува фиксна каматна стапка од пет насто. Се работи за трета емисија, која опфаќа 1.000 долгорочни должнички хартии од вредност, чија што номинална цена е илјада евра. Одлуката за котација е донесена пред повеќе од еден месец од страна на Одборот на директори на Македонска берза.
Како што е нведено, вкупниот износ на емисијата е еден милион евра, а средствата од корпоративните, преносливи, субординирани, необезбедени обврзници ќе се користат за зголемување на капиталот на Банката. Бидејќи емисијата е од 18 септември годинава, ќе достаса на истиот ден во 2031 година.
Во целиот тој период ќе важи петпроцентната каматна стапка, а каматата ќе се исплаќа годишно. Или, на 180от ден од септември секоја година, почнувајќи од идната. Притоа, каматата ќе се пресметува во евра, исплатата ќе биде денарска.
Што се однесува до субординираноста, односно правната положба на овие вредносни хартии, се посочува дека се „необезбедени и субординирани обврски во однос на обврските на Банката кон останатите депоненти и доверители и не подлежат на каков било договор или друг правен акт што го намалува степенот на субординација“. Исто така, се вели дека не можат да бидат откупени или привремено отплатени, освен во случај на стечај или ликвидација на Банката.
Во тој контекст, од Македонска берза имаат препорака за потенцијалните инвеститори:
„Имајќи го предвид наведеното, како и при секое вложување во хартии од вредност потребно е инвеститорите темелно да се информираат за карактеристиките на финансискиот инструмент преку увид и анализа на проспектот за котација, како и преку следење на сите известувања кои издавачот во иднина ќе ги објавува преку системот на Берзата за електронско известување од котираните друштва СЕИ-Нет“.
Аналитика








