По две децении функционирање на македонскиот пазар, приватните пензиски друштва треба да преминат на следното ниво, кое предвидува воспоставување мултифондови. На тој начин би се зголемиле можностите за инвестирање и на осигурениците би им биле обезбедени повисоки приноси и солидни износи на нивните пензиски сметки. Засега, на развивањето на оваа новина се фокусирани работни групи, а искуството во повеќе земји е позитивно. Во меѓувреме, потребно е да се одвива процесот на едукација, кој би почнал од најмладата популација, со што би се зголемила свеста дека за пензија не се размислува неколку години пред пензионирањето, туку децении претходно.
„Направената реформа на пензискиот систем е една од најуспешните во Македонија, но сега мора да преминеме на ново ниво, воведување на концептот мултифондови“, истакна Горан Мартиноски, раководител на сектор за управување со средства во КБ Прво пензиско друштво, на панел дискусијата на 24. Годишна конференција на Македонска берза во Охрид.
Анализите покажуваат дека просечниот член на задолжителниот пензиски фонд е на возраст од 37–38 години, но во системот има осигуреници од 15 до 70 години. „Нормално е едно портфолио да не биде исто за сите. Мултифондовите овозможуваат прилагодување според годините до пензионирање“, појасни Мартиноски.
Концептот предвидува три фонда. Во првиот, растечки, би биле лицата до 44–45 години (со 60% акции и фондови и 40% обврзници). Вториот – балансиран би ги опфатил тие од 45 години до возраст на две до три години пред пензија (со 30–40% акции и 60–70% обврзници). Во третото конзервативно портфолио, кое би носело принос од три до четири проценти, би членувале лица кои се на пет до седум години пред пензионирање, како и пензионираните членови.
Пресметките покажуваат дека осигуреник, кој би започнал со работа на 23 години, првите 20 години би остварувал принос од околу 8% во растечкиот фонд, потоа 5–6% во балансираниот и 3–4% во конзервативниот фонд во последните години пред пензија.
„Излегува дека приносот би бил еден до два проценти повисок од сегашниот. Тоа можеби не изгледа многу, но поради феноменот на сложената каматна стапка, на крајот ефектот е огромен. Идните пензионери би имале повеќе средства на нивните сметки“, нагласи Мартиноски.
Односот на потенцијалните пензионери е пасивен. Според законското решение во Хрватска, луѓето по автоматизам се распоредуваат, тоа ги зголемува нивните пензиски сметки, но поефикасно би било доколку има активност од нивна страна.
„Ако земеме проактивен пристап и самите одлучиме да бидеме подолго време во едниот или другиот фонд, тогаш таа разлика е навистина огромна. Убаво е да има автоматизам, не може да очекуваме дека 100% од луѓето ќе се одлучат. Но, тие што сакаат да се вклучат и повеќе да навлезат, убаво е што може да изберат. За жал, кај нас секој за пензија почнува да мисли 5 до 10 години пред пензионирање. Во тие години не може да се направат чуда, ни принос, ни да се акумулираат средства“, образложи Мартиноски.
Како што нагласи – по најновите таблици за смртност, по пензионирањето животниот век е 17 години. Перод во кој пензијата е основен извор на приходи. „Луѓето порано треба да се интересираат за тоа. Тука грешка гледам и во процесот на едукација, која треба да се почне од најмлади години, постепено“, смета тој.
Како најголеми предизвици Мартиноски ги издвои плиткиот пазар и недостигот на инструменти, поради што дел од вложувањата ќе мора да се насочат во странство. Сепак, се надева дека ќе се зголеми понудата на Македонска берза, очекува ефекти и од БУМ клубот, а како можни решенија ги наведе и проектните и зелените обврзници.
„Беа споменати и приватните капитални фондови. Тоа е еден одличен начин за семејните помали компании да израснат и да бидат солиден материјал за котирање на берза. Имаме искуства од регионот. И нашиот сопственик, покрај Комерцијална банка втор сопственик ни е Прва груп од Словенија, тие веќе имаат таков нивни фонд, Прва склади, во кој релативно брзо собраа пари и релативно брзо ги инвестираа. Така што тоа го гледам како голем потенцијал во иднина, како материјал за на берза. Меѓутоа, да не ги заборавиме обврзниците. Проектните обврзници се исто така многу интересни за големи проекти во кои како пензиски фондови би можеле да вложиме. Исто и зелените обврзници. Имаме многу предизвици за животната средина, така што и тоа се добри инструменти за инвестирање“.
Воедно, посочи дека и банките можат да понудат одредени производи: „Пред се, за заштита од валутниот ризик. Банките нудат, но најчесто на трговските друштва. Што се однесува до инвеститорската јавност, нема некој производ што може да се купи за да се заштити од странска валута. На пример, ние имаме голема изложеност од околу 30% во странски акции и голем дел од нив во долар. Во овој момент немаме инструмент со кој може да се заштитиме од валутниот ризик. Предвидено е тоа кога ќе се прават мултифондовите, во Хрватска често ги користат“.
На панел дискусијата хрватските искуства на ова поле ги пренесе претседателот на Управниот одбор на Raiffeisen mirovinski fondovi, Гордан Шумановиќ, а полските – Maciej Bitner, директор на Регулативи и истражување на Варшавската берза.
Во Хрватска, во изминатите 17 години колку што функционираат мултифондовите, во категорија А (со структура 70:30) е остварен принос од 8,5%, во категоријата Б 5,5%, а во Ц – 3,5%. Во Полска овие фондови постојат од 2004 година, при што секое пензиско друштво управува со два фонда со различна стратегија за инвестирање.
Најдобари пензиски системи во светот имаат Данска, Холандија, Исланд. „Ако ги погледнеме нивните карактеристики, може да ги прочитаме нашите – пензии во првиот солидарен столб, вториот капитален столб, третиот доброволен со даночни олеснувања. Мора да сме свесни дека во Македонија има добро искреиран пензиски систем, секогаш може и подобро, но го имаме системот кој ги има карактеркстиките на најдобрите“, истакна Мартиноски.