ПОВЕЌЕ

    Монопол и олигопол – форми на нецелосна конкуренција на пазарот

    Време зa читање: 3 минути

    Во зависност од дејноста со која се занимаваат компаниите припаѓаат на различни пазарни структури. Пазарните структури се разликуваат, главно, според два критериуми:

    • Бројот на учесници на пазарот (продавачи и купувачи);
    • Моќта да се влијае врз висината на цената на добрата и услугите.

    Така, на пример, пазарот на електрична енергија или вода се примери за пазари каде има голем број на учесници на пазарот на страната на побарувачката (голем број на купувачи), а еден понудувач, односно продавач. Во ваквите случаи, најчесто понудувачот има значајна моќ да влијае врз висината на цената на услугите. Кога имаме ваква пазарна структура во економијата зборуваме за состојба на монопол на пазарот.

    Монополот како форма на нецелосна конкуренција се карактеризира со еден единствен производител (продавач) кој има целосна контрола врз еден сектор во економијата. Така, постоењето на еден производител кој ја диктира цената на производите и услугите како и количината на тие производи и услуги доведува до прашањето дали производителот максимално ги користи своите капацитети и дали со тоа влијае врз висината на цената на производите и услугите, врз неговите вкупни приходи и, во крајна линија, врз добивката која ја остварува?

    Поради своите карактеристики како пазарна структура, монополот има можност да го ограничи производството на одреден производ или услуга и со тоа да влијае врз цената на добрата и услугите, врз остварените приходи и врз остварената добивка. Затоа, државата има влијание врз монополите, односно го регулира нивното функционирање.

    Од друга страна, државата најчесто дава и ексклузивно право одредена дејност да извршува само една компанија во одреден економски сектор, најмногу заради видот на вложувања кои во одредени сектори бараат многу голем капитал и крајно неефикасно и неисплатливо би било да се прават такви големи идентични инвестиции и од други компании кои би ја извршувале истата дејност (гасоводни системи, железничка инфраструктура, електростопански и водостопански системи).

    Олигопол како форма на пазарна структура се карактеризира со мал број на компании кои имаат доминантни позиции на пазарот. Овде, во зависност од видот на производите и услугите кои ги нудат компаниите, можеме да зборуваме за:

    • Повеќе компании на одреден пазар кои нудат идентични производи или услуги (компании од телекомуникациската индустрија);
    • Повеќе компании на одреден пазар кои нудат исти производи или услуги кои поседуваат различни својства и карактеристики (компании од автомобилската индустрија, информатичката индустрија).

    Монополот и олигополот се форми на нецелосна конкуренција кои се разликуваат по тоа што една или повеќе големи компании го заземаат пазарот или доминантен дел од пазарот, имаат значајно или одредено влијание врз цената на производите и услугите и нудат единствен, ист или сличен производ со различни карактеристики и својства. Тие се форми на несовршена конкуренција, бидејќи во ваквите видови пазарни структури цената на производите и услугите најчесто не се формира врз дејството на понудата и побарувачката и најчесто конкуренцијата е ограничена на неколку компании во секторот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично