
Како изгледа високото образование кога ќе излезе од рамките на теоријата и ќе се соочи со реалните предизвици на индустријата и климатските промени? Одговорот се наоѓа во новиот едукативен и истражувачки центар што денеска беше промовиран на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, реализиран во партнерство со компанијата ТИТАН Усје.
Центарот е дел од проектот „Знаење + CO₂ –“, кој има за цел преку знаење, иновации и директна соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот да придонесе кон поодржлива и пониско-јаглеродна градежна индустрија. Новиот простор е замислен како место каде што наставата, истражувањето и практиката се поврзуваат во еден заеднички процес.
Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, посочи дека отворањето на центарот е логичен резултат на долгогодишната стратешка соработка со ТИТАН Усје, која има директно влијание врз квалитетот на образованието.
„Овој центар ќе им овозможи на студентите пристап до современи технологии, иновации и трендови во градежната индустрија, со што значително ќе се подобри нивната подготвеност за професионалните предизвици,“ изјави Јосифовски.

Од компанијата ТИТАН Усје порачуваат дека вложувањето во образованието е дел од нивната долгорочна визија за одржлив развој. Главниот извршен директор, Константинос Николау, нагласи дека соработката меѓу универзитетите и индустријата станува сè поважна во услови на брзи технолошки промени и декарбонизација.
„Партнерството меѓу бизнис-секторот и академската заедница денес не е избор, туку неопходност. Преку проектот „Знаење + CO₂ –“ сакаме нашите знаења и иновации да станат дел од образовниот процес и да придонесат за создавање млади, квалитетни кадри и поодржлива иднина,“ посочи Николау.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, оцени дека ваквите иницијативи се пример за успешна примена на државните политики во образованието, науката и одржливиот развој. Според неа, соработката со општествено одговорни компании отвора нови можности за младите.
„Подигнувањето на квалитетот на високото образование и создавањето подобри услови за младите се меѓу нашите приоритети. Ваквите партнерства се важен предуслов за задржување на младите во земјата и за градење современ образовен систем,“ истакна Јаневска.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, нагласи дека поврзувањето на универзитетот со реалниот сектор е клучно за одговор на динамичните пазарни промени.
„Современото високо образование не може да се развива изолирано. Проекти како овој покажуваат како знаењето, науката и практиката можат да се обединат во заедничка цел – создавање подготвени и конкурентни млади професионалци,“ изјави Ангелова, најавувајќи продолжување на ваквите соработки.

Проектот „Знаење + CO₂ –“ претставува одговор на академската заедница и индустријата на еден од најголемите предизвици на современото градежништво, намалувањето на јаглеродните емисии преку знаење, иновации и практични решенија. Иницијативата, која ја реализираат ТИТАН Усје и Градежниот факултет при УКИМ, е насочена кон унапредување на наставата и научно-истражувачката работа, но и кон подигнување на јавната свест за одржливи практики во градежната индустрија.
Проектот е структуриран во три комплементарни сегменти. Првиот е едукативен и има за цел директно вклучување на современи индустриски знаења во наставниот процес. Вториот сегмент е фокусиран на истражување и развој, со акцент на иновации и нови решенија за поодржливо градење, додека третиот модул е посветен на подигнување на свеста, преку активности како младински натпревари, изложби и други јавни настани.
Како компанија која со години ја гради својата стратегија врз принципите на кружната економија, ТИТАН Усје континуирано инвестира во дигитализација, напредни технолошки решенија и еколошки ориентирани производи. Фокусот е ставен на развој на цементи со понизок јаглероден отпечаток, зголемена употреба на обновливи извори на енергија и воведување на алтернативни горива во производствените процеси.
Во изминатите пет години, компанијата инвестираше повеќе од 6 милиони евра во дигитални алатки, решенија базирани на вештачка интелигенција и одржливи технологии, вклучително и соларна енергија и еколошки типови цемент. Овој инвестициски циклус продолжува и во наредниот период, како што беше најавено, во следните три години се планирани дополнителни вложувања од околу 20 милиони евра, насочени кон понатамошно намалување на јаглеродниот отпечаток и модернизација на градежниот сектор.
Аналитика








