Патувањата во земјите од Европската унија наскоро би можеле да минуваат без страв од високи мобилни сметки. Македонија ги финализира законските измени со кои на граѓаните ќе им се овозможи користење мобилни услуги во земјите на ЕУ по исти услови како дома, без дополнителни роаминг-трошоци, по примерот „роаминг како дома“.
Министерството за дигитална трансформација информира дека измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации (ЗЕК) се веќе во владина процедура и објавени се на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Со тоа Македонија ги исполнува клучните правни обврски за усогласување со европското законодавство, со цел укинување на дополнителните роаминг-трошоци, поголема заштита на корисниците и целосна транспарентност на цените.
Земјава веќе е дел од регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, кој овозможи користење мобилни услуги во регионот без дополнителни надоместоци. Новите законски измени, пак, го отвораат патот за приклучување кон европската роаминг-зона, каде граѓаните ќе плаќаат исти цени за повици, пораки и мобилен интернет како во Македонија.
Со предложените измени се воспоставуваат јасни правила за ограничување на цените на роаминг-услугите, се воведуваат механизми за спречување на неочекувано високи сметки и се зајакнува регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Истовремено, се обезбедува поголема правна сигурност и предвидливост на цените, како и полесен пристап до дигитални и е-услуги при престој во земјите на ЕУ.
Законските измени се во целосна согласност со клучните европски прописи, меѓу кои Европскиот законик за електронски комуникации, регулативите за роаминг во рамките на Унијата, фер користење и максимални цени за завршување повици, како и правилата за функционирање на Телото на европските регулатори за електронски комуникации – БЕРЕК.
Од Министерството за дигитална трансформација очекуваат Владата да го утврди текстот на законот до крајот на месецот, по што во февруари ќе се најде во собраниска процедура. А, по неговото усвојување, Агенцијата за електронски комуникации ќе донесе три подзаконски акти, по што целиот пакет ќе биде доставен до Европската комисија на валидација.
Со овој чекор македонските граѓани ќе добијат можност да ги користат придобивките од единствената европска роаминг-зона – без дополнителни и непредвидени трошоци, под исти услови како и граѓаните на Европската унија.
Аналитика








