ПОВЕЌЕ

    МЛЕЧНАТА ИНДУСТРИЈА СО СИЛНА ГОДИНА: Вкупна добивка од 6,7 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Млечната индустрија е една од најстабилните и најприсутните во македонското производство. Од чаша јогурт до парче кашкавал или сирење ‒ млечните производи се дел од секојдневието, но зад тие производи стојат компании што управуваат со милионски обеми, големи производствени капацитети и сериозни пазари. Секторот е концентриран околу неколку клучни компании, но тие го движат пазарот. Според анализата што ја подготви порталот Пари врз база на податоците од Бизнис Мрежа, врвните 10 компании во оваа индустрија во 2024 година направиле вкупен приход од 130,3 милиони евра, со добивка од 6,7 милиони евра, и вработуваат 940 луѓе.

    Доминира една компанија, а тоа е Млекара АД Битола, која е лидер во сите три категории: приход, добивка и број на вработени. И останатите играчи носат важна тежина во оваа приказна ‒ некои поради стабилност, некои поради агресивен раст, а некои затоа што од мала основа остваруваат сериозни резултати.

    МЛЕКАРА АД БИТОЛА ИМА НАЈВИСОК ПРИХОД

    Најголема сила во секторот е Млекара АД Битола, која во 2024 година остварила приход од 48,2 милиони евра, тројно повеќе од следната компанија на листата. Оваа млекарница, позната по својата долгогодишна традиција, производствен капацитет и препознатлив бренд, е столб на македонската млечна индустрија.

    Веднаш зад неа е Бучен Козјак од Куманово, и со своето производство на јогурт, кисело млеко, кашкавал, сирење и урда, лани остварила приход од 15,9 милиони евра.

    Следуваат Трница од Маврово (11,8 милиони), Здравје Радово (11 милиони) и Лацталис МК (9,2 милиони) – компанија формирана во 1997 година како Идеал-Шипка, која го освои пазарот со млечни производи и во Македонија и во земјите каде што извезува. Со оваа компанија завршува првата петорка.

    Во долниот дел од листата се компании со поскромни, но сепак милионски приходи ‒ СЕНТИС АГ, ХИТ 73, ИМВ Велковски, Млечна Индустрија Скопје и Хемипром Свети Николе ‒ кој со 4,8 милиони евра е на десеттото место, но сепак тоа е приход што многу други индустрии не го достигнуваат.

    Извор: Бизнис Мрежа

    САМО ТРИ КОМПАНИИ ИМААТ МИЛИОНСКИ ПРОФИТ

    Во категоријата на добивка, ситуацијата е уште појасна: само три компании успеваат да остварат добивка над еден милион евра, и тоа две се токму оние што се на врвот и според приход.

    Прва е повторно Млекара АД Битола, со добивка од 2,6 милиони евра, што потврдува дека не само што продава најмногу, туку и ефикасно управува со трошоците и маржите. Веднаш зад неа е Бучен Козјак, со 1,2 милиони, и на третото место е ХИТ 73 од Камењане, млекара сместена во подножјето на Шар Планинa, која со 1,1 милион евра добивка се издвојува од сите останати.

    Сите други фирми на листата се со профит под 500 илјади евра, а некои и под 200 илјади евра.

    Во оваа група се најдоа и Хемипром, Трница, Здравје Радово, Вардарец, Ѓоргиеви, Јока и Маврово Ј-Т, кои имаат добивки од 150 до 400 илјади евра, солиден резултат, но далеку од водечките три.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ВКУПНО 940 ЛУЃЕ РАБОТАТ ВО ОВИЕ ФИРМИ

    И во категоријата број на вработени, лидер е Млекара АД Битола, со 238 вработени, што е речиси четвртина од вкупниот број во категоријата. Зад неа се Здравје Радово со 120 и Трница со 114 вработени, што укажува дека овие млекарници имаат сериозен производствен капацитет. Бучен Козјак е четврта компанија со 110 вработени. На последното место се ЕКОШАР и ОСОГОВО-МИЛК, двете со по 47 вработени, иако не фигурираат во ниту една друга категорија.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Од големи брендови до регионални млекарници, млекото и понатаму е сигурен производ, а млечната индустрија останува храна и за економијата.

    Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично