Мизо: Извозот опаѓа поради состојбите во Германија, државата треба да најде нови земји – трговски партнери

Време зa читање: 5 минути

Наместо најавите за инвестиции, од кои многу во минатото не ни започнаа, да се гледа повеќе на износот на вистински, реализирани инвестиции. Она кон што треба да се стремиме е зголемен квалитет на идните инвестиции, нивниот степен на технолошки развој и целокупното знаење кое го носат тука. За да бидеме подготвени да привлечеме вакви квалитетни инвестиции, треба државата да инвестира во соодветно и неопходно напредно образование, постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима, и тоа од сите аспекти, како би била атрактивна за нови инвеститори, но и за проширување на активностите на постојните инвеститори во државата. Ова е ставот на претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

Во изјава за МИА тој посочува дека е остварлив прагот од една милијарда евра директни странски инвестиции за целата 2024 година.

„Износот на странски директни инвестиции, сам по себе, е добар показател за економските процеси и состојби во земјата. Дополнително, ако се земе предвид дека на глобално ниво приливот на странски директни инвестиции годинава бележи сериозен пад, а според анализата на Виенскиот институт во Централна, Источна и Југозападна Европа, во трите претходни квартала споредено со истиот период лани е за 44 отсто помал во однос на бројот на гринфилд проекти, а 39 проценти помал генерално од аспект на вредноста на најавени гринфилд проекти. Исклучок е само Молдавија која има раст, додека соседна Албанија има пад од дури 88 проценти на инвестициски проекти“, образложува Мизо.

Меѓутоа, ја нагласува неопходноста од длабинска анализа за тоа – каде и во што ќе биде инвестиран тој износ, во кои сектори, за каков вид проекти, колкава ќе е додадената вредност. Вели, добар дел од приливот на директните странски инвестиции се должи на веќе присутните инвеститори во земјата, кои по политичката стабилизација гледаат дополнителна можност за зголемување на својот капитал во земјава.

За привлекување инвестиции на краток и среден рок, Мизо смета дека е потребна сеопфатна стратегија и екипирање на тимот со соодветен професионален кадар, вклучувајки и луѓе со практично искуство од таргетираните сектори, по примерот на успешните земји од регионот и пошироко:

„Креирање робусен и обединет систем на грижа за опслужување на постоечките инвеститори за брзо и ефикасно адресирање на предизвиците со кои тие се соочуват, како и детална информираност за нивните планови, проблеми и можности ќе доведе до дополнителни опции за реинвестирање од нивна страна“.

Што се однесува до глобалниот минимален данок, вели дека е можност за државата да оствари бенефит за буџетот, но и со брзи и ефикасни мерки да добие на конкурентност како за присутните инвеститори, така и за идните, кои би ги привлекле. Тој носи и предизвици за дел од мултинационалните компании кои се присутни тука, но Мизо не гледа ризик за одлив на инвестициите поради ова. Сепак, нагласува, „институциите и органите кои работат во делот на промоција, привлекување и грижа за странските инвеститори треба да имаат активна улога во разјаснување на регулативата, како и вистиниски да ги разберат и промовираат потребите и интересите на овие компании, бидејќи тоа е всушност сржта на нивното постоење и работа“.

За случувањата на економски план во Германија, кои се рефлектираат во македонската економија, Мизо укажува на потребата од изнаоѓање нови трговски земји-партнери.

„Во првите 10 месеци на 2024 извозот кон Германија бележи пад од 13,5 отсто споредено со 2023, а вкупниот македонски извоз во истиот период е паднат за 5,6 проценти. Со оваа состојба ќе се соочуваме се додека не се подобри економската состојба во Германија. Истовремено, ова е уште еден дополнителен индикатор за неопходноста за диверзификација на нашиот извоз и изнаоѓање нови трговски земји-партнери за пласман на македонските производи, но и нови сектори на кои ќе се потпираме за иден раст и развој на економијата. Можно е во иднина да има потреба и за поголема, посебно дизајнирана поддршка од државата за секторите што ќе се погодени во поголеми размери, а имаат сериозен импакт на националната економија и животниот стандард тука“, вели претседателот на Советот на странски инвеститори.

Притоа, додава дека не очекува отпуштање работници во македонските компании кои се занимаваат со производство на делови за автомобилската индустрија, но можно е намалување на обемот на работа, со што ќе се намали бројот на вработени преку природна флуктуација.

„Имајќи ја предвид изложеноста на нашата економија кон автомобилската индустрија во Германија, сметам дека во следниот период треба што поскоро заеднички, инвеститорите и државата, да подготват стратегија за амортизирање на оваа криза, но и на претстојните економски потреси, кои и натаму ќе ги гледаме, како во Германија, така и во други земји од европскиот пазар. Единствено со ваков локален пристап и проактивност може да се справиме со надворешните економско-трговски ризици и да ја зголемиме издржливоста, но и конкурентноста на земјава за ваков вид инвестиции, смета Виктор Мизо.

14,794Следи нè на facebookЛајк

слично