Моменталната потреба од пари многумина ја решаваат со позајмување од својата сметка или популарно кажано, со влегување во минус. Банките тоа го дозволуваат, а одобреното пречекорување го наплатуваат. Применуваат годишна каматна стапка што најчесто се пресметува врз основа на референтна стапка зголемена за одреден број процентни поени. Каматата се пресметува на месечно ниво, а висината е согласно банкарските методологии.
Според базата на податоци на Народната банка, каматната стапка за дозволено пречекорување кај банките во земјава се движи приближно од 9,5 до 13,35 проценти, зависно од банката и референтната стапка што се користи за пресметка.
Капитал банка, ТТК банка и Шпаркасе банка ја применуваат референтната стапка за пресметување на казнената камата зголемена за 8 процентни поени. Актуелната камата изнесува 13,35 проценти. Истата стапка, но како фиксна, важи и за клиентите на ПроКредит банка.
Алта банка се раководи според референтната стапка за казнена камата зголемена за 8 процентни поени, при што според последните податоци каматата изнесува 12 проценти. И во Халк банка за пречекорувањето важи тој процент, со таа разлика што овде каматната стапка е фиксна.
Комерцијална банка применува референтна стапка зголемена за 7,95 процентни поени, што резултира со камата од 13,3 проценти.
Кај Централна кооперативна банка каматата се пресметува врз основа на референтна стапка на денарски депозит без валутна клаузула зголемена за 9,67 процентни поени, што во моментот изнесува 12,4 проценти.
НЛБ банка ја базира каматата врз стапката на благајничките записи на НБРСМ, зголемена за 8 процентни поени. Во моментот, за минусот на сметка се пресметуваат 12 проценти. Со истата висина е и стапката по која се раководат Силк Роуд банка и УНИ банка, но според сопствено дефинирана референтна основа.
Најниската камата за дозволено пречекорување е застапена во понудата на Стопанска банка Скопје. Банкарската практика е – референтна стапка на благајнички записи зголемена за 4,15 процентни поени. Тоа носи камата од 9,5 проценти.

Дозволеното пречекорување е скап извор на финансирање. Пред да се пристапи кон оваа можност, упатно би било внимателно да се проверат каматната стапка и начинот на пресметка. Минусот е лесно достапен, но не е евтина варијанта за краткорочно финансирање на потребите.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








