Минимална месечна инфлација од 0,4 насто и висока годишна стапка од 4,1 насто се измерени во декември врз основа на трошоците на животот. Цените на мало се повисоки за 3,6 насто на годишно ниво.
Движењето на индексот на трошоците на животот во 2025 година беше различно кај одделни групи на потрошувачката, посочуваат од Државниот завод за статистика.
Пораст на индексите е забележан во сите групи. Најголемото поскапување од 7,2 насто е регистрирано кај ресторани и хотели. Следуваат рекреација и култура со 6,4 насто; алкохолни пијалаци, тутун и наркотици со 5,9 насто; храна и безалкохолни пијалаци со 5,2 насто; мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата со 4,6 насто; разновидни стоки и услуги со 3,7 насто; облека и обувки, како и здравје со 3,1 насто; домување, вода, електрика, гас и други горива со 1,8 насто; комуникации со 1,3 насто. Најмали промени има кај транспортот, каде што порастот е за 0,8 насто, и кај образованието за 0,1 насто.
Според ДЗС, зголемувањето на месечната инфлација во декември, а во однос на ноември е резултат на повисоките трошоци на животот евидентирани во повеќе групи. Тоа се транспорт за 5,8 насто; рекреација и култура за 0,8 насто; здравје за 0,7 насто; мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5 насто; ресторани и хотели за 0,4 насто; домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 насто; разновидни стоки и услуги, исто како и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 насто.
Наспроти тоа, трошоците на животот се намалени само во две групи – во најсуштинската – храна и безалкохолни пијалаци за 0,4 отсто и облека и обувки за 0,2 отсто.
Месечни измени нема во групите образование и комуникации, односно се останати се на ноемврискиото ниво.
Аналитика








