ПОВЕЌЕ

    Мицкоски: Сивата економија краде можности – редот и легалното работење се решение

    Време зa читање: 3 минути

    Формалната економија треба да стане попривлечна од неформалната, да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Тоа е целта што треба да се постигне, за приходите на државата да не се губат во сивата зона и со нив да се обезбедат поголеми можности за граѓаните, нагласи премиерот Христијан Мицкоски на денешната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.

    Расправата не е само експертска, наведе тој, туку е разговор за праведност во општеството, за доверба во системот и за тоа „дали ќе дозволиме чесните да бидат казнувани, а нечесните да профитираат“.

    Сивата економија не е апстрактен поим, истакна Мицкоски: „Таа е изгубен приход за државата, но уште поважно – изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии итн. Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој којшто работи чесно. Нашата цел е јасна: формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално“.

    Како значајни чинители во остварувањето на таа цел, премиерот ги издвои Министерството за финансии кое обезбедува стабилност, контрола и подобрена наплата на приходите, како и Министерството за економија и труд, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција…: „Нивната координирана и засилена акција во сузбивање на даночните измами, финансискиот криминал и нелегалните текови испраќа јасна порака, а пораката е дека законот важи за сите. Нема селективност. Нема привилегирани. Секој што работи, мора да придонесува“.

    Воедно, нагласи дека борбата не може да е само инспекциска, туку мора да е и системска. Притоа ги наведе областите на делување – дигитализацијата (е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци); намалувањето на административните бариери за регистрација на бизнис; стимулациите за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија; зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите.

    „Силна држава подразбира ред. Силна економија подразбира транспарентност. Праведно општество подразбира еднакви правила за сите. Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично