Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција, во вредност од близу 60 милиони евра. Со ова е поставен почетокот на еден нов, енергетски посигурен, економски поефикасен и стратешки поисплатлив период. Се поврзуваме со гасоводите на соседите, а тоа ќе нè направи регионална енергетска крстосница. Тоа значи повеќе избор, повеќе стабилност и пониски трошоци. Тоа значи дека повеќе нема да бидеме на крајот од мрежата, туку во срцето на регионалниот енергетски тек, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на свеченоста со која беше означен стартот на изградбата на гасоводот од Гевгелија до Неготино.
„Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјата, во нејзиниот целокупен економски развој и во нејзината просперитетна иднина.
Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија“, нагласи Мицкоски.
Притоа, посочи дека не се работи за симболична, туку за суштинска промена.
„Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и една силна порака – конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.
Со овој проект ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до три милијарди. Тоа е енергија за раст. Тоа е гориво за економијата. Тоа е безбедност за иднината“, подвлече Мицкоски.
Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, а неговата реализација ќе се одвива со поддршка од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и од Европската унија. Гасоводот го гради градежната компанија „Рапид Билд“ од Куманово.