
Со порака дека Македонија не смее да остане на маргините на глобалните енергетски и економски промени, премиерот Христијан Мицкоски вчера од Давос упати јасен сигнал дека земјата треба храбро да го редефинира својот развоен курс. По интензивен ден исполнет со средби и дискусии на Светскиот економски форум, фокусот, како што истакна Мицкоски, бил ставен на енергетиката како еден од клучните столбови за идниот економски раст.
Премиерот учествуваше на панел за енергетика заедно со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и водечки претставници на светската енергетска индустрија, компании од сите континенти со финансиски капацитети што се мерат во илјадници милијарди. Разговорите, како што нагласи, биле насочени кон тоа како ќе се развива производството на електрична енергија во годините што доаѓаат и каква улога може да има Македонија во тој процес.
Според заклучоците од панелот, глобалната побарувачка за енергија ќе расте, но потребата од електрична енергија ќе се зголемува дури два и пол пати побрзо. Токму тука, потенцираше Мицкоски, Македонија не смее да биде пасивен набљудувач. Наместо тоа, државата треба повторно да ги отвори и активира енергетските проекти што со години стојат во фиока, како Чебрен, Галиште и Бошков Мост, и паралелно да го понуди својот потенцијал за инвестиции во обновливи извори на енергија, каде што, според неговите зборови, веќе постои сериозен интерес од меѓународни инвеститори.
Вториот важен момент што произлегол од дискусиите е размерот на идните енергетски потреби. Во следната деценија, на светско ниво ќе треба да се изградат капацитети кои ќе произведуваат околу 40 илјади терават-часови електрична енергија. Тоа е количина која е повеќе од пет илјади пати поголема од сегашната потрошувачка на Македонија и приближно еднаква на вкупната потрошувачка на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно. Ова драматично зголемување, како што појасни премиерот, е директно поврзано со забрзаниот развој на вештачката интелигенција и експанзијата на дата-центрите, кои функционираат исклучиво на електрична енергија.
Во тој контекст, Мицкоски порача дека Македонија мора стратешки да ја искористи оваа глобална трансформација. Земјата, според него, треба постепено да се оддалечи од моделот на економија што доминантно се потпираше на автомобилската индустрија и да го диверзифицира своето портфолио, со силен фокус на енергетиката. Со оглед на расположливите ресурси и перформансите што ги нуди секторот, премиерот изрази увереност дека Македонија има реална шанса да се позиционира како значаен регионален и европски чинител.
Вчерашниот настап во Давос, како што оцени Мицкоски, бил потврда дека интересот за македонската економија постои, а предизвикот што следи е тој интерес да се претвори во конкретни инвестиции и проекти кои ќе донесат долгорочна додадена вредност за граѓаните и за државата.
Аналитика








