Осум милиони евра е максималниот износ што за еден проект можат да го добијат компаниите кои ќе користат пари од унгарскиот заем. А, со условот кој предвидува минимум 20 проценти да се нивна инвестиција, се доаѓа до десет милиони евра, износ кој се наведува како најголем можен во кредитирањето со позајмените париу од Унгарија. Појаснувањето го даде премиерот Христијан Мицкоски.
„Сите компании коишто ќе инвестираат во средства за работа, односно основни средства, тие ќе бидат поддржани со овој проект. Максималниот износ на проектот ќе биде до 10 милиони евра. Што значи од тие 10 милиони, би требало 20 проценти минимум да е сопствена инвестиција, што значи дека до осум милиони евра ќе бидат финансирани од овој проект“, рече премиерот.
Притоа додаде дека компаниите што ќе добијат кредит ќе инвестираат во објекти кои се од обновливи извори на енергија, во административни простории за сопствени потреби во склоп на производниот погон и слично.
„Уште еднаш ги повикувам компаниите да подготват добри, издржани проекти, добар план, бизнис план. Навистина е атрактивно сето ова, вие да добиете осум милиона по каматна стапка од 1,95 проценти. До 8 милиони зборуваме. Тоа значи дека годишно ќе треба да плаќате до 160.000 евра камата и три години да ги работите парите“, наведе Мицкоски, кој смеда дека „имаме многу успешни и вредни претприемачи, кои сакаат да се развиваат и ќе ја искористат оваа можност, а тоа ќе значи подобра економија“.
Што се однесува до банките, рече дека е задоволен од постигнатиот договор.
„По оној договор што го имаме со неколку од банките навистина јас сум задоволен од одговорноста на поединци и за свесноста за тешката состојба во којашто македонската економија се наоѓа во моментот. Ние нашето си го направивме, обезбедивме заедно со дел од банките навистина историски најниска каматна стапка од 1,95 проценти. Под услови до три години грејс период, значи тука ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на отплата, бидејќи има компании коишто сакаат рокот на отплата да биде пократок“.
На државата, според Мицкоски, и претстои инвестициски циклус.
„Значи станува збор за 300 милиони евра, кога на тоа ќе се додадат уште пола милијарда, 500 милиони евра коишто ги реалоцираме од Буџетот кон општините и оние проекти коишто Министерството за животна средина и Транспорт беа закочени, тоа се 800 милиони. Имајќи предвид дека е проектиран бруто-домашниот производ на 16 милијарди, станува збор за 5 проценти од бруто домашниот производ, средства којшто очекувам да бидат инвестирани оваа и следната година. Тоа е алатката со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза…“, истакна премиерот.