Капиталните инвестиции идната година ќе бидат во владиниот фокус, при што би требало да ја имаат улогата на главен економски двигател. Исто како што и оваа година, од 3 проценти дојдовме на 3,4 отсто од БДП, а за третиот квартал се очекува и повеќе имајќи предвид дека само во градежништвото има раст поголем од 34 насто во реализација на инвестициите, и на капиталните и на приватните, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието посветена на пратеничките прашања.
„Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4 насто и повеќе, во услови на ваква криза, посебно во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички констелации не само во Европа, туку и пошироко. Да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5 и 8 проценти што веќе го правиме, бидејќи во првиот квартал беше 7,5, во вториот 7,8 насто. И во тие услови да ги намалиме и јавниот и државниот долг“, истакна Мицкоски.
Според него, ако се гледа 2025 година и додадената вредност што се креира во економијата, па тоа се спореди со задолжувањата, ќе се забележи дека соодносот е 2 спрема 1. „Затоа, кога ќе прашаат каков е јавниот и државниот долг, одговорот е дека е едниот за скоро 2,8, а другиот за 3,5 отсто помал од тој кој бил на крај од 2024 година“.
Мицкоски нагласи дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции. А, сите кои се дел од општините и ги финансира централната влада, заедно со програмите преку министерствата се во вкупен обем од половина милијарда евра. Дел од нив се завршени, дел во фаза на реализација.
Аналитика








