Ограничување на маржата на 10 проценти во трговија на мало и 10 проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи, е предлог мерка со која Владата го задолжи Министерството за економија и труд да ја донесе.
„Мерката да се однесува на истите 73 групи на производи кои беа дел од претходните кошнички, но да се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи“, истакнаа од Владата.
Мерката е предвидена да почне од денот на донесување и да трае заклучно со 30 април оваа година.
Но каков ќе биде ефектот од оваа мерка, со оглед на тоа што не е првпат да се ограничат маржите.
Во одговор на инфлацискиот притисок, Владата изминативе години воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Сепак, овие мерки не беа долгорочно решение, се смирува инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат.
И експертската јавност, но и граѓаните се со поделени размислувања во однос на влијанието на мерката, но генерално прашањата кои се поставуваат се: Што ќе даде поразличен резултат оваа мерка од претходните? Каков ќе биде ефектот? Ќе се зголемат ли цените од 1 мај? Какви дополнители мерки треба да се преземат?
И ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА МЕРКАТА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ ЦЕНИ КАКО ЕВРОПСКИТЕ
Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во разговор со порталот Пари посочи дека „Ова е лош театар, кој повторно скапо ќе ги чини граѓаните“.
„Владата добро знае дека ограничувањето на маржите не дава ефекти. Впрочем, тие самите ја критикуваа претходната влада кога го правеше истото. И токму затоа преземаат мерка која знаат дека не дава ефекти, затоа што всушност не сакаат да ги намалат цените. Сакаат само да глумат дека прават нешто, за луѓето да не ги обвинуваат нив, туку трговците“, упатува Јовановиќ.
Но, од друга страна пак, тој вели дека ова им одговара и на трговците, затоа што нивните профити ќе си останат нечепнати.
„Можеби малку луѓето „ќе плукаат“ по нив, ама и тоа брзо ќе се заборави. Да сакаше Владата навистина да им ги намали профитите, немаше да го пушти низ вода данокот за солидарност, кој најмногу ги даночеше токму трговците“, потенцира Јовановиќ.
Единствените кои губат од оваа игра се граѓаните, споменува тој. Како што вели тие ќе продолжат да плаќаат цени скоро како европските, со плати три пати пониски и ќе продолжат да тонат во сиромаштија.
„Доколку Владата навистина сака да им помогне на граѓаните, ќе ги замрзне цените на овие производи, а не маржите. И уште поважно – ќе ја зголеми минималната плата барем на 500 евра, како и платите во јавниот сектор, што понатаму ќе направи да се зголемат и сите плати во државата“, истакнува Јовановиќ
ОВАА МЕРКА НА ДОЛГ РОК МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО НЕДОСТИГ НА НЕКОИ ПРОИЗВОДИ
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци за ограничувањето на маржите е подобро решение од ограничувањето т.е замрзнувањето на цените и може да направи помали дисторзии на пазарот во вид на недостиг на некои производи во маркетите.
„Кога сме кај маржите треба да се има предвид дека едно е да се ограничат трговските маржи, а друго е да се ограничат профитните маржи. Јас сум поборник за ограничувањето на трговските маржи т.е разликата во цени кое ќе го вградат трговците на набавениот производ, без разлика дали е тој од увоз или набавен од домашен производител. На овој начин им се остава одредена слобода на трговците на мало да влијаат на останатите трошоци и да постигнат поголем или помал профит и во услови кога имаме ограничени трговски маржи. Од друга страна ограничувањето на трговските маржи е полесно и поедноставно да се контролира од страна на инспекторите“, вели Димитров во разговор за порталот Пари.
Тој додава дека објавувањето на цените од страна на трговците ќе доведе до поголема транспарентност и тоа не може да му штети на никого и не може да се смета за некаков удар врз слободата на пазарот.
„Сметам дека овие мерки ќе влијаат на намалување на цените, но на долг рок може да доведат до одредени проблеми како недостиг на некој производ, пад на квалитетот или други неправилности“, укажува Димитров.
Како долгорочна мерка, споменува тој, може да биде зголемувањето на домашното производство, промена кај субвенционирањето на домашните земјоделски производи, одредено намалување на некои царини и други поттикнувања на страна на понудата.
„Исто така мораме да бидеме претпазливи со зголемувањето на побарувачката преку зголемување на платите, пензиите и разните социјални трансфери повеќе од растот на продуктивноста во земјата, а на сметка на зголемување на долгот спрема странство. Странската акумулација која ја трошиме во вид на кредити може да се искористи за инфраструктурни проекти и поттикнување на производството, но не и за зголемување на потрошувачката, ако таа не ја следи продуктивноста“, смета Димитров.
МЕРКИТЕ ОБЕЗБЕДУВААТ КРАТКОРОЧНО ЗДИВНУВАЊЕ
Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ неодамна во својот Бриф истакнаа дека мерките обезбедуваат краткорочно здивнување од инфлацијата, особено во првиот месец од примената, но понатаму овој ефект исчезнува. Откако мерката завршува, динамиката на инфлацијата се враќа по старо, скоро во целост. Според тоа, „Фајненс тинк“ препорачува ваквите мерки да се користат само во исклучителни околности на многу висок раст на цените на храната, додека во останатите околности да се применат структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи, за да се избегне временото потиснување на инфлацијата да доведе до идни нагли порасти.
„Потребно е регулирање на синџирите на снабдување. Ова вклучува интервенција за подобрување на ефикасноста и отпорноста на алките долж синџирите на снабдување (производители – преработувачи – трговци на големо – трговци на мало). Во земјава, значајна ефикасност во овој контекст се очекува да се постигне со доследна и непристрастна примена на Законот за нефер трговски практики. Потоа, зајакнување на конкуренцијата. Неопходно е да се оневозможи олигополско делување и картелско здружување на пазарот, што може да е случај во мала економија. Прилагувањето на антимонополското законодавство и зајакнувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата преку кадровско зајакнување и проширување на надлежностите и алатките за делување се чини како голема неопходност за оневозможување здружено одредување на цените, особено кај важните потпазари на храна. Следно, поддршка на домашното производство. Неопходно е стратегизирање на државната помош за земјоделството, и особено насочување кон помагање на резултатите од производството наместо инпутите во производството. Системот на државна помош бара итен ремонт за да може да даде резултати на повеќе пунктови, вклучително и на пунктот за зголемување на домашното производство на храна. И на крај, таргетирана помош за набавка на производи од храна. Ова може да вклучи субвеннции или ваучери за храна, енергија и транспорт за најранливите сегменти од општеството, без да биде засегнат поширокиот пазар“, потенцираат од „Фајненс тинк“
Катерина Михајлова