
Мексиканските пратеници отворија нов фронт во трговијата: од 1 јануари 2026 година стотици производи што влегуваат во земјата ќе бидат поскапи поради нов пакет царини, насочен главно кон увоз од Кина, но и од други земји со кои Мексико нема договор за слободна трговија.
Сенатот во Мексико во средата ги одобри мерките што ги туркаше претседателката Клаудија Шајнбаум, која ги правда со потребата да се заштитат домашните производители и да се зајакне локалната индустрија. Новите давачки кои ќе достигнат и до 50% ќе опфатат повеќе од 1.400 производи: метали, автомобили, облека, апарати за домаќинство и друг индустриски и потрошувачки увоз.
Ударот нема да го почувствува само Кина. На листата се и десетици држави како Тајланд, Индија и Индонезија, кои исто така немаат договор за слободна трговија со Мексико.
Пекинг, очекувано, реагираше остро. Портпаролот на кинеското Министерство за трговија предупреди дека мексиканските царини „значително ќе им наштетат на интересите на трговските партнери, вклучително и Кина“ и најави дека е во тек истрага за трговската политика на Мексико, со јасна порака до мексиканските власти да ја преиспитаат одлуката.
Парадоксално, кинеското присуство во Мексико последниве години расте: автомобилските брендовите BYD и MG веќе отвораат погони и го шират своето присуство на локалниот пазар. Истовремено, Кина најавува и поголемо вклучување во Латинска Америка и Карибите, со амбиции да ги продлабочи партнерствата во трговијата и иновациите.
Но, Вашингтон гледа друга страна на приказната. Американските власти посочуваат дека кинеските компании можеби го користат Мексико како „задна врата“ за да ги заобиколат американските царини преку производство или склопување во Мексико, а потоа увоз во САД под поповолни услови.
Сето ова се случува додека Мексико истовремено се обидува да го смири токму Вашингтон. Владата на Шајнбаум е во преговори со администрацијата на претседателот Доналд Трамп, откако тој се закани со низа високи царини за мексикански производи – меѓу нив и потенцијални 50% давачки за мексиканскиот челик и алуминиум.
Трамп веќе неколкупати најави нови тарифи кон Мексико по различни основи: од притисок за поголема акција против шверцот на синтетичкиот опиоид фентанил, до економски „казни“ поврзани со земјоделството. Во понеделник, тој повторно се закани со нова царина од 5% за Мексико, овојпат обвинувајќи ја земјата дека го нарушува повеќе од 80-годишниот договор со кој САД добиваат вода од притоките на Рио Гранде.
„Многу е неправедно кон нашите американски земјоделци кои заслужуваат оваа многу потребна вода“, напиша Трамп на социјалните мрежи, повикувајќи се на стар меѓудржавен договор за распределба на водните ресурси.
Со децении, САД го обвинуваат Мексико дека не ги исполнува своите обврски од договорот, додека Мексико, пак, се повикува на климатски промени, суши и притисоци врз сопствените земјоделци.
Во целата трговска и политичка пресметка, едно останува јасно: САД се најголемиот трговски партнер на Мексико, а новите царини – и мексиканските кон Кина, и потенцијалните американски кон Мексико – ја претвораат земјата во клучна шаховска фигура во глобалната трговска игра.
(Фото: Aerra Carnicom, Wikimedia Commons – CC by 4.0)
Аналитика








