Унапредувањето на образованието во казнено-поправните установи доведува до позитивни промени и надвор од нивните ѕидови. Затоа инвестирањето во овој вид образование е одржливо и има големи придобивки за поединецот, но и за целото општество, истакнаа денеска организаторите на меѓународната тренинг-конференција посветена на едукацијата на лицата во затворите „Трансформирање на животите преку образование во затворите – Ајде да зборуваме“ која од денеска до сабота ќе се одржува во Скопје, во организација на невладината организација EPEA (European Prison Education Association) во партнерство со Здружението за неформално образование „Европски културен епицентар Битола“ (EKE Bitola).
Над 130 учесници од повеќе од 20 земји од светот, експерти од различни области, креатори на политики и лица кои се директно вклучени во едукацијата на осудениците во казнено-поправните установи, на конференцијата ќе споделуваат искуства, резултати од истражувања и добри практики од Европа поврзани со оваа тема. Конференцијата опфаќа 20 работилници со конкретни обуки за учесниците, како и повеќе главни говорници кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и можности за унапредување. Оваа конференција EPEA ја организира по 19. пат, почнувајќи од 1993 година на секои две години, при што само втор пат домаќин е некоја земја од Источна Европа. „EPEA се залага за спроведување на препораките на Советот на Европа и се етаблира како европски глас за образование во затворите, со членови и партнери од над 40 земји во светот. Во согласност со овие препораки, сите вклучени во администрацијата на затворскиот систем и управувањето со затворите треба да ја олеснат и поддржат едукацијата за сите затвореници бидејќи таа значително го намалува рецидивизмот и нуди подобри можности на пазарот на трудот по одлежувањето на казната“, рече Томас Вутрих, претседател на EPEA.
Секретарот на EPEA, Сара Лоја, истакна дека конференцијата ги обединува практичарите, истражувачите и оние што имаат лично искуство, со цел да се промовира дијалогот и соработката во затворското образование низ цела Европа.
Според Веле Георгиев, претседател на ЕКЕ Битола, конференцијата на едно место собра над 130 професионалци од целиот свет кои ќе разменуваат најдобри практики, учат и ќе го подобруваат образованието во рамките на казнено-поправните установи. „Како домаќини на оваа конференција, се стремиме да ја ставиме во фокусот оваа важна, но честопати занемарена тема во нашето општество – образованието во затворите. Како организација која е посветена да обезбеди образовни можности, ЕКЕ Битола има за цел да ја истакне важноста на континуираното подобрување на нашите образовни системи и да изгради силни врски помеѓу затворскиот персонал во земјава и нивните колеги низ Европа и светот“, вели Георгиев.
Оваа организација активно ги ангажира казнено-поправните установи во земјава за истражување на можностите на Еразмус+ програмата како средство за подобрување на рехабилитацијата на затворениците и намалување на рецидивизмот. ЕКЕ Битола создаде Водич за казнено-поправните установи во кој се објаснува како затворите можат да станат дел од оваа програма и да добијат пристап до европската соработка. Иницијативата го истакнува образованието како трансформативна алатка што ја подобрува благосостојбата, ги подготвува затворениците за реинтеграција и поддржува похумана казнено-поправна средина.
Аналитика








