Во првиот месец од 2026, основиот берзански МБИ10 индекс падна под прагот на 10 илјади поени, на кој се одржуваше повеќе од една година. Во минус се и клучните пазарни показатели. Мерено преку бројот на трансакциите, поголема активност е забележана меѓу инвеститорите.
Вкупната пазарна капитализација изнесува 352,41 милијарди денари, односно 5,73 милијарди евра. Месечната промена е негативни 1,34 проценти. Вкупниот промет, проследен со пад од 1,86 отсто, достигна 997,9 милиони денари, или 16,2 милиони евра. Во споредба со декември, на пазарот на капитал се реализирани за 3,13 насто повеќе трансакции – 1.351.
МБИ10 месецот го заврши на 9.971,74 поени. Намалувањето е евидентирано со минус 0,82 проценти.
Додека вкупниот месечен промет се намалил, во текот на јануари зголемената инвеститорска активност се одразила кај најтргуваните акции на официјалниот паар. Редоследот на оваа листа, од првото до четвртото место е ист како и на претходната. Кај рангираните акции се забележливи нагорни движења во бројот на трансакциите, истргуваните количини и конечно, кај крајниот исход – месечниот промет.
Комерцијална банка повторно е најтргуваната акција во јануари, со промет од 121,4 милиони денари (1,97 милиони евра), што претставува 36,08 проценти од вкупниот промет. Просечната цена изнесува 27.749,75 денари, додека месечните движења оделе од 27.300 до 28.200 денари. Реализирани се 456 трансакции со купопродажба на 4.375 акции.
Со 3.223 истргувани акции на Алкалоид преку 309 трансакции, остварен е месечен промет од 81,1 милион денари (1,32 милиони евра). Учеството во вкупниот промет е 24,11 проценти. Забележани се минимална цена од 24.800 денари, максимална од 27.300 денари, од каде што произлегол просекот од 25.166,05 денари.
Од најниските 110.000 до највисоките 113.001 денар, произлегла просечната вредност од 110.730,96 денари за акција на Макпетрол. Регистрирани се 125 трансакции, 508 истргувани акции и промет од 56,25 милиони денари (912.9 илјади евра), кој во вкупниот партиципира со 16,72 проценти.
Месечниот промет остварен со хартиите од вредност на НЛБ Банка е во износ од 31,16 милиони денари или речиси 506 илјади евра. Извршена е купопродажба на 562 акции низ 96 трансакции. Цената се движела од 53.900 до 56.390 денари, со пресек од 55.449,79 денари. Во берзанскиот промет има удел од 9,26 проценти.
Јануарската листа на најтргуваните се заокружува со акцијата на Стопанска банка Скопје. Преку 74 трансакции истргувани се 7.949 акции. Прометот, чиј удел е 6,28 проценти, е во износ од 21,13 милиони денари (342,9 илјади евра). Ценовниот опсег е меѓу 2.610 и 2.750 денари, со просчна вредност од 2.658,76 денари.
Всушност, прометот од класичното тргување во јануари е зголемен за 32,87 насто (371,89 милиони денари). Во тие рамки, прометот со акции е проследен со месечна промена од плус 23,25 проценти (341,82 милиони денари). А, пак, прометот со обврзници е надминат за повеќе од десет пати. Од декемвриските 2,56 милиони на 30,07 милиони денари во јануари. Процентуалниот скок е за 1.076,46 насто. Блок-трансакциите, кои претходните два месеци го спасуваа берзанскиот промет, сега се намалени – прометот за 20,86 отсто (од 736.9 на 583,2 милиони денари), а нивниот број за 52,94 или од 17 на осум.
M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








