Управувањето на компаниите што котираат на Македонска берза е машка работа. Во 84 друштва има 543 членови во органите на управување, а од нив само 26,7 отсто се жени. Или, во раководните структури мажите се мнозинство со 73,3 отсто.
Состојбата е далеку од воспоставување родова рамнотежа, покажува анализата објавена на Македонска берза, во која не се вклучени акционерските друштва кои се суспендирани од котација.

Уште поизразена е разликата кога станува збор за највисоките раководни позиции. Од сите извршни директори или претседатели на управни одбори во котираните компании, само 16,2 отсто се жени. Со други зборови, мажите се распоредени на повеќе од четири петтини од овие позиции.

Кај компаниите кои го сочинуваат берзанскиот индекс МБИ10, родовата застапеност е нешто подобра. Во овие компании 29 отсто од членовите на органите на управување се жени. Сепак, само една компанија е управувана од жена извршен директор или претседател на управен одбор.

Родовата структура, според анализата, значително варира и во зависност од дејноста на компанијата. Најголеми машко-женски разлики во управувањето се забележуваат во три сектори. Во осигурувањето соодносот е 88,24 % спрема 11,76 %. Во угостителството – 83,33 % спрема 16,67 %. А, во фармацијата, мажите доминираат со 82,35 % наспроти женскиот дел од 17,65 отсто.

Од друга страна, банкарството со 42,86 %, трговијата со 30 %, земјоделството со 20 %, услугите со 12,5 % и индустријата со 8,82 % се топ пет дејностите со најголем број жени на позиции извршен директор или претседател на управен одбор.

Поставеноста е таква каква каква што е, и покрај фактот што произлегол од оваа анализа – компаниите управувани од жени почесто остваруваат позитивен финансиски резултат.

Конкретно, од 16 котирани компании управувани од жени, дури 81,3 отсто оствариле добивка во 2025 година. Кај компаниите управувани од мажи, 76,5 отсто од вкупно 68 компании пријавиле добивка. Или, родова разновидност во управувањето може да има позитивно влијание и врз деловните резултати на компаниите.

Мнозинството акционерски друштва управувани од жени директори или претседатели на управни одбори во периодот од 2020 до 2025 година оствариле добивка. Во 2020 година добивка пријавиле 73,3 % од овие компании, а 26,7 % работеле со загуба. Во 2021 година добивка имало кај 72,2 %, додека 27,8 % пријавиле загуба. Наредната 2022 година уделот на компании со добивка се зголемил на 78,6 %, при што 21,4 % работеле со загуба. Во 2023 година има мали промени – 76,2 % од компаниите оствариле добивка, а 23,8 % загуба. Најдобри резултати се забележуваат во 2024 година, кога дури 88,2 % од компаниите управувани од жени оствариле добивка, а само 11,8 % загуба. Лани, пак, 81,2 % работеле со добивка, додека 18,8 % завршиле со загуба. Очигледно е, компаниите со жени на највисоките раководни позиции во најголем дел од анализираниот период работат профитабилно.
Аналитика








